По изгласаната интерпелација, Владата очекува оставка од Коцевски, но од него молк!

По вчерашното изгласување на интерпелација за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски тој денеска не се огласи со став за изгласаната недоверба и за тоа како ќе постапи. Иако самата интерпелација не значи и негова смена, од Владата очекуваат тој да си поднесе оставка. Засега нема став за тоа дали доколку Коцевски не поднесе оставка ќе ја активираат иницијативата за негово разрешување покрената уште во февруари годинава.

„Јасна беше волјата на пратениците и пораката која вчера ја испрати Собранието. Тоа е силен институционален сигнал кој не може и не смее да биде игнориран. Очекуваме државниот јавен обвинител да постапи морално и да поднесе оставка. Тоа би било одговорен и достоинствен чин, во интерес на правдата и довербата на граѓаните. Во исто време вчерашниот исход ја потврди и неоснованоста на тезите што со месеци беа пласирани од опозициските партии за наводна спрега помеѓу Владата и Обвинителството. Тие тези паднаа во вода. Оваа Влада не калкулира со правдата“, вели Влада.

Со сличен став излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ од каде посочуваат дека на Македонија и е потребно Обвинителство отпорно на политички влијанија и го повикаа Коцевски да си поднесе оставка. Од партијата обвинуваат дека СДСМ и ДУИ го штитат Коцевски, а за возврат тој ги штител нив.

ZBOR.COM.MK