Мицкоски: Ќе ме прогласат за конзервативен, но за мене создавањето семејство е патриотизам

Уште поробусна акција за подобрување на демографската слика на земјава најави премиерот Христијан Мицкоски за следната година во споредба се сегашното удвојување на бројот на бесплатни инвитро-оплодувања од три на шест. Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на булевар во Неготино тој кажа дека се бадијала сите проекти доколку не се работи на демографијата.

„Главен предизвик за годините и децениите што следат пред нас е демографијата и демографската слика. Јас многупати за тоа сум зборувал и ќе продолжам да зборувам и ќе бидам многу гласен бидејќи бадијала ни се и овој асфалт и овие натпатници, потпатници, паркови и се што правиме ако немаме дечиња кои ќе ги користат, ако немаме потомство кое понатаму сето ова ќе го ужива и ќе додаде квалитет во нивниот живот. Ние можеме да реновираме безброј градинки и да направиме училишта во рамките на нашите можности, се разбира, но ако немаме дечиња кои ќе бидат таму тогаш сето тоа ни е залудно“, рече премиерот Мицкоски.

За него создавањето семејство и потомство, меѓудругото, е патриотски чин.

„Некои може ќе ме прогласат и за конзервативен некои може ќе ме прогласат за човек кој можеби живее во минатото, јас мислам дека демографијата, потомството, дечињата, создавањето семејство е патриотски чин. И денеска така се брани иднината на Македонија и на македонскиот народ и иднината на македонските граѓани. Ценам дека овие двојно зголемени бесплатни шест ин витро процедури, за разлика од минатото кога беа три, се во таа насока. Но не застануваме тука, продолжуваме и понатаму така што во годината која што следи ќе имаме, би рекол, многу поробусни акции кои ќе значат подобрување на демографската слика на Македонија“, најави премиерот Мицкоски.

Земјава последнава деценија бележи загуба на природниот прираст од над 8.000 лица годишно, односно имаме повеќе умирања отколку раѓања. За да се стимулираат раѓањата Владата предложи, а Собранието веќе го изгласа законот со кој бесплатните инвитро-оплодувања од досегашните три обиди се зголемија на шест обиди, а се скрати и процедурата за одобрување на поднесените барања од три месеци, колку што се чекаше досега, на две недели.

ZBOR.COM.MK