Мицкоски: Ова е уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјава

Премиерот на Владата Христијан Мицкоски присуствува на почеток на изградба на гасоводниот интерконектор со Грција. Ова е стратешки енергетски проект од големо национално и регионално значење.

На свечениот настан со кој симболично е означен почетокот на изградбата на интерконекторот за пренос на природен гас меѓу Македонија и Грција – свое обраќење имаше претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски.

– Денес отпочнуваме со уште една капитална инвестиција за државата. Денес не го поставуваме само почетокот на изградба на еден гасовод, туку го поставуваме почетокот на еден нов енергетски посигурен, економски поефикасен и стратешки поисплатлив период за сите нас. Она не е само инвестиција во цевки и бетон туку уште еден значаен влог во енергетската независност и стабилност на земјава. Во нејзиниот целокупен економски развој и во најзината просперитетна иднина, изјави Мицкоски.

Премиерот истакна дека преку реализацијата на овој проект како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останатите наши соседи стануваме значајна енергетска крстосница.

– Очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред се за македонските граѓани и домашната економија, потенцира Мицкоски.

Овој стратешки проект се реализира со поддршка на Европската унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На настанот присуствуваа високи владини претставници и меѓународни партнери:

– г. Христијан Мицкоски, претседател на Владата;
– г. Изет Меџити, прв заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање;
– г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини;
– г. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија;
– г-ѓа Софиа Филипиду, амбасадорка на Грција;
– г-ѓа Ангела Агилер, амбасадорка на САД;
– г. Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР;
– г. Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ;
– г. Мухамет Елмази, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.

По обраќањата следеше симболичен чин со кој се означени почетокот на изградбата на гасниот интерконектор.

ZBOR.COM.MK