Мицкоски: Консолидирањето заврши, сега сме во состојба на раст, до крајот на 2025-та ќе ги достигнеме предвидените 3,5 – 4 отсто
Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека земјава до крајот на годината ќе го достигне предвидениот раст меѓу 3,5 – 4 проценти. Како што рече денеска, одговорајќи на пратенички прашања, рекордни се резултатите на Царинската управа со реализирани над 12 милијарди денари, како и на УЈП, со преку 15 отсто наплата на ДДВ во јули. Македонија, дециден е премиерот, од фаза на консолидација, влегува во фаза на раст.
Според Мицкоски, растат сите параметри од аспект на макроекономската слика, и индустриското производство и преработувачката индустрија и туризмот,…, и нето и бруто платата растат со стапка од 11 отсто и покрај обидот на некој од опозицијата да каже дека тоа не е точно.
-Моментната економска состојба е стабилна со тенденција на раст, тоа беше потврдено и од „Стандард и Пурс“. Сценаријата што ги слушавме во јавноста дека слабо и лошо ни оди, никако да се реализираат. Имајќи предвид каква состојба наследивме – хаос, катаклизма и криминал, успеваме за краток период да се консолидираме. Опозцијата континуирано изнесува лаги и невистини, но бројките кажуваат се и тие се безмилосни, нагласи Мицкоски.
Тој рече дека најверојатно Царината ќе надмине наплата од 12 милијарди денари и заклучно со денеска ќе достигне 12,5 милијарди денари, но, сепак, повика да се причекаат официјалните резултати.
-Се уште ова е неофицијално зашто денеска е последниот ден од јули. Царината прв пат пробива 12 милијарди денари наплата, очекувам денеска да достигне 12,5 милијарди денари. Лани, по именувањето на Бобан, блиску бевме да ја надминеме оваа бројка, а денеска се натпреваруваме да дојдеме до 12,5 милијарди. Ова е нешто што не е воопшто забележано досега. Но, да почекаме, денот се уште трае, ова може утре да го потврдиме. Добра вест имаме и од УЈП која ја натфрли за 15 отсто наплатата во јули и сега бркаме наплатениот ДДВ да достигне над тие 15 проценти споредено со јули минатата година. Ова говори дека периодот на стабилизирање е завршен и дека почнува периодот на раст. Денеска имаме уште една потврда – индустриското производство продолжува да расне и во јуни има мал 0,5 отсто раст споредено со јуни лани, но тоа е веќе трет месец по ред. Се зголемува и преработувачката индустрија, како и туризмот, потенцира премиерот.
До крајот на годината тој очекува реализација на капиталните инвестиции посебно во градежниот сектор како коридорите и патот Кичево – Охрид.