Мицкоски за интерпелацијата на Коцевски: Јас не ги менувам ставовите преку ноќ

На еден ден пред расправата за интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата Левица, премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го менува ставот ниту тој како човек ниту, пак, го менува ставот партијата ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски уште во март, по пожарот во Кочани, рече дека ќе им даде шанса и на Коцевски и на другите обвинители да работат и да сработат имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата и ја сопре петходно почната постапка за негово разрешување.

„Јавноста ќе види утре. Ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи новинарски прашања по свеченото отворање базен во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Кисела Вода.

Интерпелацијата за Коцевски ја поднесе партијата Левица во јуни поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.

Пратениците утре ќе расправаат за интерпелацијата на Коцевски во рамките ја 64. пленарна седница на Собранието.

Обвинителот Коцевски ги отфрли сите наводи и рече дека функцијата ја врши чесно и одговорно.

ZBOR.COM.MK