Кекеновски: ДКСК пред етички колапс – претседателката обвинета, а сè уште на функција и со плата

Професорот Јове Кекеновски остро реагира на одбивањето на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата да поднесе оставка, и покрај тоа што против неа се води постапка за сериозни злоупотреби. Во објава на социјалните мрежи, тој предупредува дека институцијата се соочува со длабока етичка и институционална криза, и оти доколку остане на функцијата, ДКСК ќе стане „симбол на иронија“ – антикорупциско тело компромитирано од сопствениот врв. Посочува и дека, иако има судска мерка за забрана на пристап до документи, таа продолжува да прима плата, што, како што вели, го поткопува јавниот морал и принципот на отчетност.

ДКСК ПРЕД ЕТИЧКИ КОЛАПС

Доколку обвинетата претседателката на ДКСК не си поднесе оставка тоа значи дека во иднина ДКСК ќе стане симбол на иронија – антикорупциска институција компромитирана од сопствениот раководен кадар, обвинет за сериозни злоупотреби.

Ова не е само формално противречие, туку длабока институционална криза. Антикорупциско тело мора да биде морална и етичка вертикала во општеството. Кога претседателот е под сомнение за извршении кривични дела поврзани со злоупотреба на службената позиција како и барање друго лице да го полага тестот за безбедносен сертификат и не прифаќа одговорност и не поднесува оставка тоа знали дека институцијата се претвора во карикатура на својата мисија.

Во овој контекст:
• Ќе се изгуби довербата на јавноста, која и онака е ниска во институциите.
• Ќе се обесмисли секоја идна иницијатива или истрага што доаѓа од ДКСК.
• Ќе се создаде преседан – дека и антикорупциските органи можат да функционираат и со компромитиран углед, што е неприфатливо.

Особено загрижувачки е што и покрај судската мерка која ѝ забранува пристап до документи и фактичка отсутност од работното место, дотичната продолжува да прима плата. Ова го поткопува и принципот на отчетност, и довербата во институциите.
Кога платата станува награда за неработење, а молкот штит од одговорност, се руши самиот темел на јавниот морал.

ZBOR.COM.MK