Идентитетот не е само тавчето гравче, пинџурот и полнетите пиперки туку и Делчев, Сандански, Шапкарев: Мицкоски во услови без гаранции, очекува секаков инженеринг во ЕП
Очекувам секаков инженеринг во Европскиот парламент (ЕП) и, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборат, гледај ги што прават – рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање на заедничката прес – конференција со еврокомесарката Марта Кос.
Што се однесува до верзијата од Извештајот која што е сега пред европратениците, можам да кажам дека очекувам секаков инженеринг. Не би ме изненадило ништо. Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот, секогаш. Да тоа, е така дека ние го носиме со нас, длабоко во нас. Но, морам да признам дека овие повеќе од три децении ние изгубивме голем дел од нашиот идентитет менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи Устав. И во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која ние треба да ја направиме, јас би бил многу, многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата не ги слушај што зборат, гледај ги што прават. А тоа што го направија и се уште прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед, нема никаква врска со европските вредности – потенцира Мицкоски.
Тој подвлече дека македонскиот идентитет се и Гоце Делчев и Груев и Сандански, нешто со што вели не е сигурен дека ќе се согласи нашиот источен сосед Бугарија.
За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев и Шапкарев, и Миладиновци и Илинденското востание и Дамјан Груев и Јане Сандански… Не знам дали ќе го споделат истото мислење и колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот идентитет, македонски идентитет – рече Мицкоски прашан за тоа што се прави на дипломатски план во одос на највените спорни амандмани од бугарски европратеници за Извештајот за земјава за „модерен“ (или современ) македонски јазик кои задираат во идентитетот, а којшто треба да се усвои во Европскиот парламент на пленарна сесија закажана за 8 јули.
Нашата држава чекори по европскиот пат со отворено срце и разум, со прифаќање на европските вредности, меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за ЕУ, и туѓо за нас, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос во рамки на лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Мицкоски нагласи дека на Самитот, кој денеска се одржува во Скопје, Македонија влегува како држава со јасна насока.
-Нашите реформи не се декорација. Тие се потреба. И ние нема да чекаме некој да не’ турка. Ќе се движиме самите, со сопствената волја, со конкретен план и со јасна визија. Испорачуваме резултати, не затоа што тоа некој го бара од нас, туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани. Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот избор, нашиот пат, нашата определба. И затоа, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме, да ги спроведеме реформите и да ја трансформираме државата, со инвестирање, со работа, со доверба во сопствените сили и со партнерство со ЕУ, нагласи Мицкоски.
Премиерот посочи дека денеска во Скопје се домаќини, но и партнери и сојузници на една заедничка визија, за регион што не се дефинира преку своите проблеми, туку преку своите можности.
-Визијата за Западен Балкан кој се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, со резултати, со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија, истакна Мицкоски.
Тој рече дека на денешните разговори се фокусирале на реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Нагласи дека за нас овој план не е формалност, туку алатка преку која ќе се трансформира државата.
-Ќе ги модернизираме јавните услуги, ќе го унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура. Ќе ја направиме државата вистински европска дома – пред да стане формално дел од ЕУ, додаде Мицкоски.