За убиецот на кучето Феликс е изречена затворска казна – Прв пат во историјата на Македонија!

По првпат во историјата на Македонија, изречена е ефективна затворска казна за убиство на куче. Основниот кривичен суд во Скопје денес го осуди Љубе Крстевски на три месеци затвор за грозоморното убиство на кучето Феликс – пресуда што активистите за заштита на животни ја оценуваат како историска.

Во продолжение следува реакцијата на организациите „Анима Мунди“ и „Хуман зелен град“:

Денес е голем ден! Денес монструозниот убиец Љубе Крстевски доби првостепена пресуда со ефективна затворска казна од 3 месеци за грозоморното убиство на Феликс! Ефективна затворска казна е изречена првпат во историјата на Македонија!

Активистите за заштита на животни повторно испишаа историја! Пресудата е жив доказ дека да се биде активен граѓанин се исплати, промените се случуваат! Кога се бориме против неправда тоа има ефект!

Судијката Лидија Петровска при изрекувањето на пресудата рече:

„Изрекувањето на ефективна казна затвор има значење за заштита на јавниот интерес и ќе превенира слични постапки во иднина. Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост особено во контекст на зголемениот број на случаи на суровост кон животните. Со изрекувањето затворска казна се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат и дека секој граѓанин има обврска за хуман однос кон животните“.

Адвокатот на убијците, Горан Колев кој не ни знаел дека постои Законот за заштита и благосостојба на животните, во својот завршен збор изјави

„Сепак не е човек, сепак е куче“. Горан, од убиство на куче до убиство на човек има само еден чекор! Тоа е непобитен факт!
Ќе се жалат, ама ќе се жалиме и ние! Но денес ќе славиме и ќе се сеќаваме на милиот Феликс! Ќе се сеќаваме на секое друго животно што настрадало од човечка рака! Ниедно не е заборавено! Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај! Додека и последното живо суштество не го добие правото што му припаѓа по раѓање – да живее живот во слобода!

ZBOR.COM.MK