Мицкоски: Благодарен сум што го чувате огнот на Македонија, ги продолжувате приказните и идеите на сè она што се темели нашата партија, вие сте генерацијата што ќе ја движи Македонија напред
И кога гледам колку многу ве има, колку само енергија давате, знам дека ВМРО и Македонија имаат иднина, додаде Мицкоски.
Секогаш со посебна инспирација и чувство на почит и емпатија говорам на настаните на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тука е цветот на младоста. Многу млади луѓе со силни амбиции, различни погледи, многу желби и идеи, но само еден мотив кој води низ сите премрежја, низ сите бури и искушенија- тоа е желбата да изградиме иднина за генерациите кои следат, заедничка иднина тука во нашата татковина Македонија, изјави премиерот на Владата, Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека нема член на партијата кој нема силно изразено чувство на припадност кон Унијата.
-Тука сме растеле, тука сме созревале, тоа е едно заедничко семејство за кои многумина од нас било местото на првите чекори во политиката, првите ангажмани, првите дебати, првите политички акции. И од тука се почнувало, тука созревале многу млади потенцијали, кои подоцна се реализирале во заедничките цели. И кога гледам колку многу ве има, колку само енергија давате, знам дека ВМРО и Македонија имаат иднина, додаде Мицкоски.
-Благодарен сум што го чувате огнот на Македонија, ги продолжувате приказните и идеите на се она што се темели нашата партија, и тоа не се само основачите од деведесеттите кои длабоко ги почитуваме, туку и идеите на илинденците кон кои секогаш сме се поклонуваме, тука се и идеите и заветот на многу големи умови на македонското револуционерно дело, кои ја создавале и се бореле за оваа македонска држава, кои со чест и дело се жртвувале за идеали, за нашата слобода, нашето право на самоопределување, во тешки и невозможни услови, кои никогаш не се откажувале, не затоа што било лесно, туку затоа што верувале и кога многумина ги откажувале, и затоа што пишувале историја тогаш и кога ги негирале. Имале визија, ум и непоколеблива храброст. И никогаш не се откажувале, истакна премиерот Христијан Мицкоски на обраќањето на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
-Денес имаме битки кои мораме сами да ги водиме, и победи кои мора заеднички да ги издвојуваме. 30 години политичарите во Македонија никогаш отворено и вистински не говореа за младите, за тоа што е потребно да направиме за да тие вистински бидат среќни. Но и никогаш не ги слушаа што тие ни кажуваат, и тогаш кога многу работи укажуваа. Најголемиот неуспех на една држава се случува кога ќе згаснува жарот на младоста, кога младите ќе се уморат долго чекајќи да бидат слушнати и никогаш нема да дојде нивното време. Тоа што младите си одат од Македонија не е затоа што нашле подобро место од својот дом, туку затоа што не биле слушнати кога гласно говореле. Денес мотивот за иселување од Македонија не е само побогат живот во странство, туку и желбата за подобар систем кој не го наоѓаат тука. Затоа си одат професори, доктори и луѓе на кои не им е најважна платата, туку иднината која не ја гледаат тука, системот кој ги изневерил многу пати порано. Затоа што нивните сонови беа уништувани системски и многу долго. Да погледнеме на вистината во очи. Имаме загубени генерации, рече во своето обраќање премиерот Христијан Мицкоски на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
-Моето срце се распарчува кога ќе ги видам празните клупи по факултетите, празните улици по градовите и полните автобуси и авиони со млади луѓе кои си заминуваат. И ова не е неуспех на еден човек, или само една генерација кои воделе политика во Македонија, туку заедничко потфрлање на сите до сега, кои не обрнаа внимание на младите, кои систематски со неспособност, криминал и корупција го уништуваа системот. Кој не дозволија сонот да стане реалност. Кој секоја желба и мотив ја разградуваа со колективните грабежи, со рушење на системот, со некадарност и грубо префрлање на вината. Загубените генерации не потсеќаат на времето и не-делата што ги направија, и затоа кога зборувам за тоа што наследивме, тие кои не доведоа до тука не им се слуша. Но во исто време знам дека народот е уморен од изговори, од меѓусебно префрлање на вината и одбегнување на одговорност за работите кои се заеднички важни, изјави Мицкоски.
„Работите можеме да ги смениме само доколку отворено пристапуваме и отворено разговараме. И заеднички се бориме. Затоа денес секој чекор кој го преземаме е да ја вратиме надежта и создадеме систем на ред и одговорност. За тоа ни е потребна мобилизација и шанса за секој еден човек кој сака искрено да работи и покажуваме дека може поинаку. Никогаш не ви ветив чуда, невозможни работи, но затоа беспоштедно и максимално се борам за секој еден човек и за заедничката иднина. И мора да го смениме системот и да ја вратиме надежта.
И знајте – денес не ве повикувам само да се надевате. Ве повикувам да се вклучите. Да се борите. Да се исправите. Затоа што никој нема да ни ја даде иднината на тацна – ќе мора сами да си ја изградиме, тула по тула, борба по борба, ден по ден.
Вие младите не сте само иднината на оваа држава — вие сте нејзиното најсилно сегашно срце. Вие сте генерацијата што ќе ја движи Македонија напред. Не со страв, туку со идеи. Не со поделби, туку со заедништво.
И затоа сакам денес да ви порачам: останете тука. Борете се тука. Градете тука. Македонија има потреба од вашиот ум, од вашата креативност, од вашиот немир што го менува светот. Јас подавам рака на младите и го немаме повеќе луксузот да не успееме. Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех“, потенцира Мискоски.