Бугарска кампања против известувачот за Македонија Вајц: Цел сум на нападите затоа што не попуштив на бугарскиот притисок

Сите 17 бугарски европратеници потпишаа писмо со кое го осудуваат Томас Вајц, австрискиот пратеник од Партијата на зелените, одговорен за изготвување на извештајот за Македонија во кој за прв пат се споменува македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Тие нагласиле, како што пренесува БГНЕС, дека владата на Северна Македонија извршила прекумерно влијание врз работата на известувачот Вајц во преговорите и дека тој го игнорирал „насилството врз Бугарите во земјата“.

„Бугарија долго време го обвинува својот западен сосед за прикривање на нивната заедничка историја и негирање на бугарските корени на јазикот и идентитетот на Северна Македонија“, објави Политико.

Вајц за „Политико“ изјави дека за него е стандардна практика да се среќава со претставници од земјата кандидат за која се пишува извештајот (Македонија), а не политичари од соседите (Бугарија). Цел сум на нападите затоа што не попуштив на бугарскиот притисок, изјави Вајц. Тој на новинарот на „Политико“ му покажа неколку заканувачки пораки што ги добил откако неговиот телефонски број беше објавен на бугарските екстремно десничарски профили на социјалните мрежи.

Главниот проблем на бугарските политичари во овој извештај е признавањето на посебен македонски идентитет, и на ова ги додаваат правата на Бугарите во Македонија, нивна заштита од говор на омраза и злосторства од омраза, уставните промени и образовните реформи како услови за напредок.

Бугарските известувачи инсистираа во признавањето на посебен македонски идентитет во Македонија да се додаде „нов“.

Канцеларијата на Вајц негира каква било конкретна соработка со македонската влада и велат дека е стандардно да се среќаваат претставници од земјата за која се однесува извештајот, а не од нејзиниот сосед.

Пред гласањето бугарскиот премиер се обидел да изврши притисок и врз претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Портпаролот на Мецола и бугарската влада не одговорија на барањето на новинарите да потврдат дека се случил таков телефонски повик.

ZBOR.COM.MK