Снежана Коневска-Руси е добитник на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“
Доајенот на македонското глумиште, актерката Снежана Коневска – Руси е годинашен добитник на наградата за животно дело што ја доделува Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп. Коневска- Руси е добитник заедно со актерите Соња Михајлова и Гоце Тодоровски.
Фестивалот го прифати предлогот на МНТ и на Снежана Коневска-Руси наградата ќе и биде врачена на отворањето на годинашново 59. издание на Фестивалот.
Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава. Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на другите театарски сцени. Низ војата актерска кариера Коневска-Руси одиграла 48 театарски улоги, 10 улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија. Таа била и сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии. Творец е и на голем број проекти за деца, позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС.
Доб итник е на бројни награди: награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за најдобро актерско остварување за улогата на Маргарита во претставата „Ричард Трети“ во 1991 година, а во 1976 на Фестивалот ја добила наградата за епизодна улога на слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Во 1974 е добитник на награда на весникот „Млад Борец“ за најуспешен млад актер за улогата на девојката во претставата „Димна Јуда, град градила“ и за монодрамата „Ана Франк”.
Снежана Коневска Руси во 1992 година ја доби наградата „13 Ноември“ на град Скопје за повеќегодишни значајни остварувања во областа на драмската уметност.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.