РОДИТЕЛИТЕ РЕВОЛТИРАНИ: „СУДОТ Е МАФИЈА“ – извика таткото на Фросина, мајката изјави „Убиецот на Фросина доби милост, казната не е правда“
Основниот кривичен суд Скопје ja изрече пресудата на обвинетиот Васил Јованов од 12 години затвор за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова.
Незадоволен од пресудата таткото на Фросина Кулакова, демостративмо ја напушти судницата. На самиот излез тој рече: Судот е мафија!
Камелија Кулакова, мајка на загинатата Фросина Кулакова, вели дека 12-годишната казна затвор за Васил Јованов е нова шлаканица за сите кои веруваат во закон и човечност. Според неа, Јованов добил милост.
“Ова не е правда. Ова е уште една шлаканица за сите кои веруваат во морал, во закон, во човечност. Моето дете – мојата Фросина – е згасната на најсуров начин, а нејзиниот убиец, дури и со признание и со криминално досие, денес доби милост. Каква порака испраќаме? Дека живот вреди помалку од зборови и препораки? Оваа казна не е правда – ова е понижување на жртвата и на сите нас што се бориме за вистината, за правдата, за човечноста“, вели Кулакова.
Возачот Васил Јованов, кој смртоносно ја прегази младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, е осуден на 12 години затвор. Тој доби и забрана за управување со моторно возило. Судијката Снежана Марковска рече дека најниската казна за делото за кое се гони Јованов е четири години, а највисоката е 20 години.