Путин предложи директни мировни преговори без предуслови со Украина во Истанбул на 15-ти мај

Рускиот претседател Владимир Путин доцна ноќта кон неделата предложи директни мировни преговори со Украина на 15-ти мај во Истанбул.

Путин се обрати до јавноста неколку часа по завршувањето на еднострано прогласениот тридневен прекин на огнот по повод прославата на Денот на победата над нацистичка Германија и нејзините сојузници во Втората светска војна.

Тој рече дека Русија предлага директни разговори со Украина во Истанбул на 15-ти мај во обид да се „отстранат корените на конфликтот“ и „да се постигне враќање на долгорочен, траен мир“.

„Предлагаме властите во Киев да ги продолжат преговорите што ги прекинаа на крајот од 2022 година, да ги продолжат директните преговори и без никакви предуслови. Предлагаме да започнат без одложување следниот четврток, 15-ти мај, во Истанбул, каде што се одржаа претходно и каде што беа прекинати“, рече Путин пред новинарите во фоајето „Малахит“ на Кремљ, кое беше преполно со руски и странски новинари, во еден и пол часот наутро по локално време.

Путин рече дека во текот на неделата за тоа ќе разговара со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Притоа истакна дека
Москва не ја исклучува можноста за постигнување договор за вистинско примирје.

„Покрај тоа, вистинско примирје, кое би го почитувала не само Русија, туку и украинската страна, би бил првиот чекор кон долгорочен одржлив мир, а не пролог за продолжување на вооружениот конфликт по вооружувањето, надополнувањето на украинските вооружени сили и трескавичното копање ровови и нови упоришта. Кому му е потребен таков мир?“, посочи Путин.

Русија ја започна својата, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во Украина за заштита од погром и протерување мнозинското руско и рускојазично население во југоисточна Украона, на крајот од февруари 2022 година.

По само еден месец и претходни преговори во Минск, кон крајот на март 2022 година токму во Истанбул беше постигнат мировен договор, по кој руските војски се повлекоа од пред Киев. Меѓутоа, веднаш потоа во украинската престолнина ненадејно допатуваа тогашниот британски премиер Борис Џонсон и тогашниот американски министер за одбрана Лојд Остин, кои според бројни сведоштва и од украински и од западни извори директно влијаеле украинскиот претседател да се повлече од договорот и војната да продолжи.

„Русија не ги прекина преговорите во 2022 година. Тоа беше Киев. Сепак, ние предлагаме Киев да ги продолжи директните преговори без никакви предуслови“, рече Путин, осврнувајќи се на неуспешните преговори кратко по руската инвазија.

„Им нудиме на властите во Киев да ги продолжат преговорите веќе во четврток, во Истанбул“, рече Путин.

„Нашиот предлог, како што велат, е на масата, одлуката сега е на украинските власти и нивните старатели, кои се чини дека се водат од своите лични политички амбиции, а не од интересите на својот народ“, порача рускиот претседател.

Челниците на Велика Британија, Франција, Герамнија и Полска во саботата поддржаа безусловно 30-дневно примирје во Украина, поддржано од американскиот претседател Доналд Трамп, и му се заканија на Путин со „масивни“ нови санкции ако не ги прифати во рок од неколку дена.

Меѓутоа, ставот на Москва по тој предлог беше однапред познат. Русија на идејата за 30-дневен прекин на огнот досега редовно одговора дека таквото примирје без конкретен договор само ќе му даде време на Киев да ги прегрупира и своите единици кои од минатата есен се во дефанзивни операции а руската војска бавно но кунтинуирано напредува. Поради тоа, Русија рече дека таквото примирје мора да содржи одредба за забрана за испораки на вооружување во Украина, запирање на мобилизацијата, дислоцирање на единиците и престанок на обуката на украинските единици во странство. –

„Ние сме посветени на сериозни преговори со Украина. Нивната цел е да се елиминираат коренските причини за конфликтот, да се воспостави долгорочен, траен мир од историска перспектива“, рече Путин.

Исто така, рече дека „Русија неколкупати понуди мировни иницијативи, но властите во Киев не одговорија на ниту една од нив“.

Во четврток, Путин еднострано прогласи прекин на огнот во војната во Украина, кој истече на полноќ. Претходно, рускиот претседаетел едностран прекин на огнот прогаси и во текот на Велигденските празници во април.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој не ги прифати претходно двата прекина на огнот, тврдеше без никакви докази дека наводно нападите не престанале во овој период и го обвини Путин дека само се преправа дека го почитува прекинот на огнот за да ја прослави 80-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна со голема воена парада.

Претходно во петокот руските безбедносни служби објавија дека додека траеше руското тридневниот едностран прекин на огнот, кое заврши на полноќ во саботата, украинската војска извела напади со дронови врз девет населени места во пограничната Белгородска област, како и дека украински диверзанти во петокот направиле четири обиди да продрат на териториите на Курската и Белгородската област.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK