„Паднаа“ ексдиректорка од Куманово, вработени во Министерството за образование и фирми – МВР поднесе кривични за доделување договор за превоз на ученици

СВР Куманово поднел кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка на средното училиште „Киро Бурназ“ од Куманово, осомничена за кривично дело „злоупотреба на службената положаба и овластување“, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П. од Куманово поради сомнеж за кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ и „фалсификување или уништување деловни книги“, против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование и наука осомничени за кривично дело „злоупотреба на службена положба“, и против правно лице за книговодствени услуги и Б.С. – управителка на правното лице осомничена за „фалсификување или уништување деловни книги“.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, првопријавената В.Т., во текот на учебните години 2022/2023 и 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврата спровела отворени постапки за доделување договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици. Во постапките било избрано пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката.

-Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука. Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници, соопшти МВР.

Пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, пак, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна придружна документација предвидена со закон, „сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници“.

-На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на Република Северна Македонија, соопшти денеска МВР.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK