Мицкоски: Државата беше во слободно паѓање, ни требаше стабилизација во оваа прва година, сега испорачуваме резултати
Премиерот, Христијан Мицкоски, на денешниот Самит 2025 во организација на „Македонија 2025“ истакна дека првиот ден од стапување на функцијата се соочил со многу предизвици, но како што рече испорачуваат резултати за подобар живот за граѓаните.
„Нешто повеќе од 10 месеци од формирањето на новата Влада, некаде околу 1 година од завршување на изборите, период кој би рекол полн со предизвици, период во кој што сите заедно учевме работи кои за прв пат ни се случуваа, не само на нас, туку и на граѓаните во целина. Период во кој што ако треба да дадам прецизен одговор на тоа дали тоа што го затекнавме првиот работен ден беше согласно нашите очекувања, тогаш би рекол дека сме биле оптимисти. Но, не би сакал сето тоа сега да се претвори во озборување на тоа што било порано. Едноставно предизвиците беа големи, сметката на Владата беше негативна, дури би рекол во пост-конфликтна во 2002 година таа беше позитивна, овој пат се случи да биде негативна. Ако тоа го прикажеме со бројки некаде 12 милијарди денари, или 200 милиони евра и секој ден имавме нови непријатни изненадувања, за волја на вистината имаме сеуште. Но, тоа е наш проблем. Јас сум свесен дека луѓето имаат очекувања сега и веднаш за многу работи да се случат, и тоа е природно. Повеќе од 3 децении премногу ветувања, но многу малку испорака. Треба ние да работиме затоа што резултатите веќе доаѓаат“, кажа премиерот Мицкоски.
На прашањето што било најтешко со кое што се соочил од почетокот на мандатот, Мицкоски посочи дека тоа било несреќата во Кочани, за која како што рече тоа е најтешкиот ден во неговиот живот.
„Во политичка смисла беше оној ужасен настан кој се случи во Кочани. Најтешкиот ден во мојот живот. Се сеќавам тоа утро некаде три ипол беше кога човек тропаше на врата во мојот дом, тоа беше човек од обезбедувањето на министерот за внатрешни работи, бидејќи не го гледав телефонот. Веднаш се со земав и прво што направив ги повикав луѓето од мојот тим да се упатиме во Кочани, некаде 5 часот наутро пристигнавме. Таму беше веќе министерот за внатрешни работи, бевме потоа и во полициската станица. Се сеќавам дека во целата таа ситуација логично е како човек да реагирате и да се создадат големи емоции, но треба да се носат одлуки. Доаѓаше помош од секаде, посебно од регионот, а знаете ние за жал немаме брилијантни односи со соседите, би рекол со еден од соседите и тогаш кога треба да носите одлука, треба да водите сметка за сите последици кои што можат да настанат. А од друга страна дел од медицинските лица ви велат, пациенти во така тешка состојба не се за транспортирање. На моето прашање добро што ни е опцијата, ни рекоа опцијата е ние да ги негуваме, и најверојатно ќе имаме и други жртви од денеска, бидејќи првите 72 часа се најкритични“, вели премиерот Мицкоски.
Мицкоски истакна дека повеќе од 200 пациенти биле транспортирани во други центри за нега, потенцирајќи дека Владата ќе продолжи со помош и поддршка на семејствата и упати благодарност до сите кои биле вклучени во помошта.
Во однос на економските политики Мицкоски нагласи дека во суштина потребно беше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање.
„Во суштина нас ни требаше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање. Кога некој ќе каже не функционираат институциите, јас би рекол немавме институции. И кога се наоѓате во една таква состојба вие прво што треба да направите е тој слободен пад да го сопрете. Не можете вие да бидете преамбициозен, нелогично и нереално доколку се соочувате со основни, суштински проблеми. Ние имаме основни суштински егзистенцијални проблеми кои што се резултат на политики и однесување со децении. И затоа нашата стратегија беше ајде да го запреме слободното паѓање, па потоа да се обидеме да дојдеме до состојба нула, па дури потоа да почнеме да размислуваме на суштински покрупни реформи кои што можат да додадат вредност. И јас мислам дека од тоа што го предвидовме, успеавме да дојдеме до состојба нула или доаѓаме до состојба нула, иако мислевме дека ќе ни треба можеби повеќе од година и половина до две, ценам дека овие перформанси и параметри кои како индикатори се појавуваат, веќе укажуваат на тоа дека доаѓаме до состојба нула, за да можеме потоа да ги развиваме сите параметри кои што планираме да ги развиваме. Главен инпут ни беше да видиме која е нашата стратешка предност, виз-а-ви околните држави, но и генерално што е стратешката предност на Македонија како држава во споредба со другите европски држави.
Сакам да кажам дека нашата економија има голем потенцијал и јас сум убеден дека и во овој момент ние сме со перформанси многу пред сите други. Ќе ве потсетам Светска банка предвидуваше за 2024 година дека ќе имаме раст на БДП од 1,8 проценти. Морам да кажам дека беа песимисти, сепак можеби требаше да дадат шанса да бидат поголеми оптимисти. Ние имавме 2,8 проценти, што не е доволно, но доволно е затоа што во третиот и четвртиот квартал бележиме стапка на раст од над 3 проценти, а за првиот квартал од оваа година имајќи ги предвид првичните индикатори, индустриското производство, туризмот и останатото, не би се изненадил ако имаме околу 3 и пол и 4 проценти, што ќе претставува раст на БДП еден од водечките во Европа“, дециден е Мицкоски.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.