Колумна на Латас: Ги памти ли Али Ахмети гробиштата во Студеничани?

Пошто нема потреба да се правиме дека не сме чуле ни виделе, и да фрламе под тепих за друг да чисти наместо нас, на работите треба да им се пристапи на време, со чиста совест и ладна глава.

А работата е – последната изјава на шефот на ДУИ, Али Ахмети, дека ако се подигне обвинение против поранешниот министер за економија од ДУИ, Крешник Бектеши, следат демонстрации и тие нема да запрат се додека нема вонредни парламентарни избори, а секако ни тогаш, што значи се доека ДУИ не влезе во власт по тие избори, власт предводена од Христијан Мицкоски.

А согласно состојбата на политичкиот простор, апсолутен победник на тие вонредни парламентарни избори би биле ВМРО ДПМНЕ, со сериозна можност да имаат и над 61 пратеник, па во идната власт Али Ахмети со сила сака да го стави ДУИ заедно со ВМРО ДПМНЕ во состојба кога Мицкоски воопшто нема никаква принуда, а во догледно време ни воља, да коалицира со ваков персонален состав на ДУИ, и со ваква радикална и насилна политика и политички уцени. Тоа е тоа.

Да одим по ред. Прво причините за ова коцкарско играње на Али Ахмети. Игра на се или ништо.

Меѓународна констатација, од стручни институции, е дека владата на СДСМ и ДУИ беше во врвот на корупција во цела Европа, пред нив беа само во Украина која знаеме каде е сега и што е. Тоа е првата и главна причина зошто, во случајов ДУИ, падна од власт.

Понатаму, за седум години СДСМ и ДУИ немаат ниту еден јавен проект, инфраструктура или било што од корист за граѓаните а потрошија над 20 милијарди евра. Тоа се крупни пари и за големи држави, да потрошиш 20 милијарди евра да не подобриш социјален живот, правна сигурност, здравство или образование, да немаш капитални објекти. Напротив, сето тоа го срушија.

Тие пари, милијардите, некој ги украл. Некој кој е на власт. Власт беа СДСМ и ДУИ. Им замижуваа дипломатите додека потпишуваа преспански договор кој, патем, треба да го потпише претседател на држава а не министер или влада, додека тајно токмеа договори со Бугарија за бришење на македонски идентитет, јазик, историја и државност. Тоа го испорачаа но, на американците и европјаните цената, степенот на корупција која им ја овозможија, им се виде превисока и тргнаа црни листи од Вашингтон и критики од европските институции за борба против корупција.

Значи, од Вашингтон и Брисел, не само од огормно мнозинство Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи.. се бара од новата власт борба против таа корупција на Заев, СДСМ и ДУИ, реформи во правосуден систем како подготовка за тоа и се што следи во сите држави кои против корупција се борат, а нашата беше ултра корумпирана. Држава во состојба на парализа на системот.

Тргна борбата против корупција, се случи и трагедијата со пожарот во Кочани која предизвика бура во општеството, но бура и во владата која без многу финоќа посочи правец на решавање и го натера обвинителството да работи. Да, пошто преходно беа трговско друштво.

Обвинителството води истраги, а не владата. Можеби на Али Ахемти тоа не му е познато, пошто он и Заев обвинителството и судството ги третираа како комерцијално претставништво кое работи на процент за нивни потреби, но еве да го потсетиме: истрага за Крешник Бектеши води обвинителството а не владата. Истото обвинителство каде првиот човек на државното (јавно) обвинителство Коцевски го поставија Зоран Заев и Али Ахмети.

Истраги води шефот на обвинителство за организран криминал Ислам Абази, личен пријател на Али Ахмети и неговата фамилија, тие што се фалеа по Фејсбук сликани со него исполегнати по каучи и распашани на софри. На други слики истите сликани со нарко дилери. Чиста синергија.

Скопското обвинителство го води Гаврил Бубевски, еден од десетте обвинители на СЈО кои богами поштено му служеа на Зоран Заев и Али Ахмети во прогоните на политички противници и заштита додека тие ограбуваа се што може да се ограби во државава за што Зоран Заев и Али Ахмети, исто така поштено, им се оддолжија на обвинителите од СЈО со барем по 100.000 евра за секој обвинител исплатени од касата на СЈО за што постои кривичен предмет во обвинителството кој се крие по фиоки и се уште нема истрага. Нема истрага затоа што врвот на обвинителството, поставено од Али Ахмети и Зоран Заев, ја кочи истрагата. Толку од правната држава.

Ова се чисти факти. Без емоција, без нација, без партиски став. И Али Ахмети секако, подобро од мене и од вас, ги знае овие работи. Барем како сведок, нели. Но, нема ништо против тоа.

И, сега се поставува прашањето: кон кого ќе упатува Али Ахмети закани, протести и демонстрации? Кон своите што ги поставил и товел со години… Кон обвинителите и судиите што му работеа за процент? Таман работа, свое не се напаѓа. А тие решаваат за Бектеши, и за другите, а не владата.

Да имаше Мицкоски контрола врз обвинителството и судството, како што сака Али Ахмети да прикаже, досега пола од нив ќе беа сменети, а истрага за обвинителите од СЈО ќе имаше, па и пресуди. Но, нема. Како што Мицкоски, очигледно, нема ни “свои“ обвинители и судии кои за него работат на процент.

Затоа, Али Ахмети треба да си го реши својот план со нив. Машки, авторитативно и во духот на бизнис стандардите кои Заев и тој ги спроведуваат. Тие обвинители и судии што со Заев ги поставиле, и што работеле на проценст за нив, вака или онака, да ги донесе и построи во Мала Речица и да ги потсети што му се должни, и дека е време да се оддолжат. Ако се нафатат, нека спроведат, ако не нека тргне со неговите од ДУИ од куќа до куќа да протестираат кај секој од нив.

Знае Али Ахмети како се прави тоа, како што го потсети Арбен Таравари дека е платен и преплатен од ДУИ кога му затреба му прати фактура, со наредба да се враќа кон ДУИ, да ја ослаби власта. Земал он, Таравари, и има логика Ахмети да му бара да ја врати услугата но, пратениците од Алијанса во власта не земале ништо од ДУИ и зошто би страдале и плаќале заради долгот на Таравари? А Таравари секако не бил задолжен од трансакциска на Али, туку од државни пари.

Но, зошто Али Ахмети најавува демонстрации само за Кресник Бектеши. Па има повеќе ликови од неговата власт кои се под истрага, некои храбро избегаа како неговиот личен кловн Артан Груби. Зошто за нив не протестира, демонстрира?

Кресник Бектеши е од кичевскиот клан на ДУИ, од јадрото на Али Ахмети. Тоа има лична компонента, и Али Ахмети е согалсен другите да горат ама неговите од “кичевскиот клан“ никако. Затоа ладно ги пушти низ вода и синот на Исмаил Јахоски од Пуцко петрол иако е познато дека неговиот син, Асмир Јахоски које е во притвор, се противел на соработката со Лотарија и другарите на зетот од Али Ахмети, Куштрим Смајлај. Зошто нема протести за Перперим Бајрами?

Али Ахмети изјавува дека “многу Албанци се под истрага или обвинеие“ и тоа било удар на албанските интереси. Прво, за потсетување, истрагите ги водат негови обвинители и судат притвори од неговото судство. Второ, кога Али Ахмети и неговата десна рака за лев џеб, Артан Груби, се фалеа дека Албанците владеат со Македонија затоа што имаат 12 министри во македонска влада од 20 министерства, сега стаса фактурата. Најмногу ги имале во тотално корумпирана власт, најмногу треба да ги има и во истрагите за таа и таква корупција. Математички е докажливо – зошто.

Патем, обичен граѓанин Албанец, нема видено никакво фајде од тоа што речиси две третини од власта во Македонија ја имале Албанци. Да, биле Албанци, ама за свој џеб. Автопатот Тетово-Гостивар го градат Мицкоски, Александар Николоски и оваа влада, а не Заев, СДСМ и ДУИ.

Албанците на Али Ахмети “градеа“ лажна фабрика за електрични автомобили во Тетово која ја нема, седум години “градеа“ 5 километри автопат до Косово и не го изградија. Ќе градеа автопат, до Албанија за што владата на Заев, СДСМ и ДУИ од буџет исплати 200 милиони евра а ни пат ни бутир нема. Се “изградија“ само милионите украдени од министрите на ДУИ, и парите што остааа кај нив.

Нема ништо зад власта на ДУИ за обичните граѓани, како што немаше судење и пресуда за загинати, изгорени Албанци во автобусот на Беса Транс во Бугарија, ни за “болницата“ во Тетово или загинатите во автобусот на Дурмо Турс. Сето тоа Али Ахемти и ДУИ го заташкаа. За кеш, затоа што требаше да одговараат нивни политичари, нивни бизнисмени и нивни рекатари. Нивни, на ДУИ.

Секој ден поминувам низ Моране, дел од Студеничани, до патот се гробиштата. Истите оние на кои се погребаа цели фамилии Албанци изгорени во авотобусот на Беса Транс кој, без лиценца, вршел меѓународен превоз. Ми се погоди да поминувам дента кога беа погребите. Страшна слика, масовна трагедија на цели фамилии. Болно за да се гледа до толку што се свртев и вратив кон Драчево. Немаше од ДУИ никаква помош ни утеха за нив. Немаше ни правда. Тоа беа Албанците кои не се од “кланот“, за нив не вреди да се протестира и да се да се пресуди.

Ги носат на душа за цел нивни живот. И се додека се уште има ликови од бившите министри и шефови на ДУИ во врвот на партијата, таа партија не заслужува ни човечки ни политички респект.

Али Ахмети вели: никој освен нас не се грижи за Албанците. Демагогија на човек кој нема веќе ни што да каже ни што да понуди во политиката. Добро знаеме дека и Изет Меџити, и Зијадин Села, и Африм Гаши, и Али Ахмети… се едно исто кога албанските етнички и регионални интереси се во прашање. Мала дилема ми е за Таравари кој ќе има тешка траума при одлучувањето дали кеш или албанските интереси се прав избор. Мераклија е да шета по Турција а за тоа, сепак, треба кеш.

Утре да побара некој да се укине двојазичноста која, патем, е назоконски воведена, Меџити ќе биде меѓу првите кои ќе ја напушти владата и ќе излезе на протести. Затоа, дилемата што ќе изберат албанските политичари кога е етнички интерес нема ни надеж ни дилема никој во Македонија.

Разликата е – во корупцијата. Изет Меџити, после Али Ахмети, беше најголем политички потенцијал во ДУИ. Али Ахмети не го издржа предизвикот на корупцијата. Меџити си замина без да биде инфициран, и за година дена собра тим и на избори доби повеќе албански гласови од ДУИ.

И сега е, па и да има предвремени парламентарни избори, Меџити и понатаму ќе биде и ќе остане во власта и таа власт ќе гради автопати и фабрики во местата каде што претежно живеат Албанци, а нема да отвара коцкарници и да штити дилери, а ДУИ ќе тера и понатаму приказни за демонстрации заборавајќи дека тоа време е поминато, дека дипломати нема зад него, а во Вашингтон го чекаат на прва следна грешка па фамилијата да му се најде на црна листа. Тоа ли е албански интерес? Или е борба да се заштити тоа што со Заев е украдено.

Имаа Македонците свој Али Ахмети. Љубчо Георгиевски. Момакот што си даде прекар “војвода“, бранител на македонската нација и тако даље. Дојде војната во 2001, ги снема парите од продажбата на Телеком а тој влезе во широка коалиција со Црвенковски и Бучковски па потпишаа капитуалција на државата и заврши како “бизнисмен“. Ене го каде е, на ѓубриштето на историјата тера бугарска пропаганда. Спремен ли е Али Ахмети за таков коцкарски ризик?

Д.П. Латас   (03.05.2025)

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK