Индија го нападна Пакистан

Тензиите меѓу Индија и Пакистан достигнаа ново ниво по неодамнешниот смртоносен напад врз индиски туристи во Кашмир, за кој Индија го обвинува Пакистан. Исламабад ги негира обвинувањата, но дипломатските односи меѓу двете нуклеарно вооружени држави нагло се влошија – граѓани се протерани, се упатуваат закани за раскинување на клучни договори, а во позадина се почесто се зборува за воен удар, кој се случи синоќа.

Индија започна воени напади врз девет локации во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир, тврдејќи дека цел им била „терористичка инфраструктура“ од каде биле планирани напади врз индиска територија. Пакистан ги осуди нападите и рече дека биле погодени и цивилни места, вклучувајќи две џамии, при што загинале три лица, а 12 други биле ранети.

Нападот е наречен „Операција Синдор“, а според соопштението на индиската влада, станува збор за „насочена, одмерена и неескалирачка“ воена акција во која не биле опфатени пакистанските воени објекти.

„Индија покажа значителна воздржаност во изборот на цели и начинот на кој беа извршени нападите“, се вели во соопштението.

Портпарол на пакистанската војска изјави за телевизијата „Џио њуз“ дека биле погодени пет локации, вклучувајќи две џамии, и дека одговорот на Пакистан е во тек, без да даде детали.

Жителите на Музафарабад, главниот град на пакистански Кашмир, рекоа дека снабдувањето со електрична енергија било прекинато по експлозиите.

Во исто време, очевидци и полициски извор од пограничните области во индиски Кашмир изјавија дека слушнале гласни експлозии, воздушни напади и интензивен артилериски оган.

Двете земји поседуваат нуклеарно оружје, но нивните пристапи значително се разликуваат.

Индија има политика „прва да не употреби“ – официјално нема да употреби нуклеарно оружје освен ако прва не биде нападната со нуклеарно оружје, или на својата територија или против вооружените сили.

Пакистан, од друга страна, има доктрина за сеопфатно одвраќање. Вклучува можност за прв нуклеарен удар, дури и во случај на конвенционален конфликт, ако процени дека нејзиниот територијален интегритет или опстанокот на државата се загрозени. Иако никогаш не извршил нуклеарен напад, таа опција никогаш не била јавно исклучена.

Точниот број на боеви глави што ги поседуваат двете земји е непознат, но се проценува дека Индија има околу 172, а Пакистан помеѓу 170 и 200 боеви глави. И покрај длабоката недоверба, тие разменуваат листи на своите нуклеарни постројки веќе 34 години по ред за да избегнат напади врз нив.

Ниту Индија ниту Пакистан не се потписнички на Договорот за неширење на нуклеарно оружје.

Претходните кризи – вклучително и онаа во 2019 година кога беа убиени 40 индиски војници – покажаа дека обете страни претпочитаат ограничени напади и простор за деескалација. Сепак, внатрешниот притисок врз властите, особено во Индија, расте, а секоја загуба на цивили би можела да биде повод за нова спирала на конфликт.

Во позадината на конфликтот, меѓународната заедница, соочена со војните во Газа и Украина, се обидува да спречи отворање на уште едно кризно жариште. САД, Кина и земјите од Заливот апелираат до двете страни на воздржаност.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK