Досега се пријавиле 21 кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур – Ристовска, Ристова, Габер Дамјановска, Даштевски, Менкиновски се меѓу пријавените

Во зградата на МНР досега стигнале 21 пријава на конкурсот за нов македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Меѓу кандидати има судии, обвинители, адвокати. Бројката на кандидати ја потврдија од куќата на дипломатијата, но не и имињата на кандидатите.

Во наредниот период, Меѓуресорската Комисија формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, ќе ги разгледа пристигнатите апликации, ќе изврши интервјуирање на кандидатите и ќе пристапи кон процес на нивно рангирање, со цел предлагање на тројца кандидати до Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Советот на Европа, согласно член 22 од Европската Конвенција за Човекови права, велат од МНРиНТ.

Телма контактираше со дел од правниците за кои се шпекулираше во јавноста. Дел негираа дел потврдија дека ја пополниле кандидатурата. Обвинителката во скопско обвинителство која е македонски претставник во ЕУРОЏаст, Ленче Ристовска ни ја потврди кандидатурата. И судијката во Кривичен и доктор по правни науки Оља Ристова телефонски потврди дека се пријавила за престижната позиција. Уште една судијка, Едита Насковска од Управниот суд потврди.

Се спомнуваат и адвокати како конкуренти за Стразбур, а некои од нив се дел од Управниот одбор на Адвокатската комора или познати адвокатски имиња. Уставниот судија Осман Кадриу кој е член на комисијата за избор телефонски ни рече дека имало шпекулации дека и неколку уставни судии биле заинтересирани за позицијата, но не знае дали доставиле пријава.

Кадриу ни рече и дека во понеделник, комисијата формирана од МНР ќе го добие конечниот број на пријави по што ќе почне процесот на селекција и проверка кои кандидати ги исполнуваат условите. Телма успеа да потврди уште најмалку двајца кандидати кои биле дел од македонските правни структури поврзани со судот во Стразбур, но тие ниту потврдија ниту негираа. МНР преку одговор ни посочи како ќе се одвива селекцијата.

Процесот на селекција ќе се спроведе во согласност со утврдените критериуми и процедури, со цел обезбедување на транспарентност и објективност при изборот на најсоодветните кандидати за оваа значајна позиција, одговорија од МНРиНТ.

Во моментот тече мандатот на Јован Илиевски кој за судија во Европскиот суд беше назначен во јануари 2017-та. Неговиот наследник кој ќе биде избран по конкурсот треба да ја почне деветгодишната функција на почетокот на 2026-та година.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK