Градоначалник ќе може да се отповика на референдум во втората и во третата година од мандатот
Граѓаните преку референдум ќе можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот – ова е една од суштинските измени на Законот за локална самоуправа, кои од денеска влегоа во собраниска процедура,
Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека е подготвено законско решение со европски практики, за понапредна локална самоуправа и доближување на институциите до потребите на граѓаните.
„Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа влезе во Собрание, денеска го имаше првото читање во работните собраниски тела, а со тоа реформскиот процес на постоечкиот закон влегува во својата завршна фаза. Министерот Златко Перински пред комисијата за локална самуправа и пред законодавно правната комисија ја презентираше дополнетата и модернизирана законска рамка, која ќе создаде услови за поефикасни општини, истовремено и позадоволни граѓани“, соопшти Министерството за локална самоуправа.
Оттаму додаваат дека оценките, анализите и извептаите за спроведувањето на Законот за локална самоуправа покаале дека постојат предизвици во спроведувањето на дел од одредбите. Потребата од законски измени произлегува и од тоа што во изминатиот период се направени усогласувања со правото и стандардите на ЕУ во низа засебни закони со кои се доуредуваат надлежностите на локалната самоуправа, па тоа налага потреба овие измени да бидат соодветно рефлектирани и во Законот за локалната самоуправа како системски закон.
„Законот за локална самоуправа е системски акт кој, по повеќе од 20 години, сега се подложува на сериозна ревизија, со цел да се адаптира на новите потреби и предизвици кои низ годиниве се појавија во нашиот општествен и правен контекст. Процесот на изменување почна во октомври 2024 година, а на 12 март 2025 година беа подготвени предлог измените кои беа објавени на ЕНЕР. За да се осигура максимална транспарентност и инклузивност, од декември до февруари беа организирани 4 консултативни работилници во Битола, Штип, Гостивар и во Скопје. На овие средби учествуваа претставници од општините, академската фела и невладиниот сектор кои ги изнесоа своите конструктивни препораки, кои се вклучени во процесот на финализирање на измените. Паралелно, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, се посетија повеќе од 20 општини, а средбите со градоначалниците и членовите на општинските Совети, беа дополнителна можност за разговор и за разгледување на предложените измени. И од овие средби произлегоа важни идеи и препораки кои придонесоа за усовршување на предлогот“, соопшти Министерството.
Мислења биле побарании од сите министерства и од ЗЕЛС.
„Ова се клучните измени кои резултираа од овој инклузивен процес, процес кој е од суштинско значење за формирање на поефикасна, транспарентна и одговорна локална власт која ќе ги зајакне темелите на нашиот развој и стабилност. Еден од најсуштинските предизвици што се препозна е отсуството на соодветен механизам за отчетност на градоначалниците. Иако тие се избираат директно од граѓаните, актуелниот закон не предвидува можност за поведување постапка за нивна доверба или отповикување пред завршување на мандатот. Со предлог-измените се предлага воспоставување фер, демократски и правичен механизам преку референдум граѓаните да одлучат за доверба на градоначалникот. Многу внимателно е срочена оваа законска одредба со цел да не се дозволи злоупотреба на истата и да служи само во исклучителни ситуации.
Граѓаните преку референдум ќе можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот“, соопшти Министерстото.
Советот на Општината, се додава, ќе биде должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20% од избирачите во општината.
„Одлуката за недоверба на градоначалникот ќе биде донесена доколку за неа гласаат мнозинство од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од една третина од вкупниот број на граѓани запишани во Избирачкиот список за соодветната општина“, се вели во соопштението.
Исто така, уште една потребна измена е намалување на прагот од 10% на 5%, кој е потребен за поведување граѓанска иницијатива за носење на одреден акт или решавање на некое прашање во ингеренции на општината. Се намалува и рокот за одржување расправа по однос на граѓанската иницијатива од 90 на 60 дена.
„За да се зајакне транспарентноста, покрај тоа што седниците на Советот на Општината се јавни, се додава и обврска информациите за седниците и работата на Советот , како и записниците од јавните седници да се објавуваат на општинските веб-страницати или на други дигитални канали за јавна комуникација и информирање“, се вели во соопштението.
Најгорливото прашање, се додава, поврзано со хигиената во општините е адресирано преку дополнување на законските одредби, со што се овозможува Општината да формира организациски единици за комунален ред и за инспекциски надзор. Предвидено е и дека во општината со седиште во град, градоначалникот може да именува главен архитект на градот, за да се подобрување состојбите со урбанистичкото планирање.
„Овие измени на Законот за локална самоуправа не се само правни корекции – тие се силен чекор кон зајакнување на демократскиот капацитет на нашето општество. Овој процес е импулс за поголемо учество на граѓаните во креирањето на локалните политики и за посилна отчетност на локалните власти. Со оваа реформа, која е резултат на инклузивен и транспарентен процес, обезбедено е законско решение со европски практики, кое ќе ја унапреди локалната самоуправа и ќе ги доближи институциите до потребите на граѓаните. Овој закон е темел за посилна, поодговорна и поефикасна локална самоуправа која ќе биде вистински сервис за секој еден граѓанин. Како Влада, задоволството на граѓаните е нашата најголема мотивација.
Токму затоа, оваа реформа не е само уште еден владин проект, туку заедничка победа за сите нас“, се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.