Трамп воведе царини од 104 отсто за Кина

Одлуката беше донесена откако Пекинг не ги укина своите контрамерки против американските производи до вторник напладне, како што претходно побара актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

Портпаролката Каролина Левит потврди дека дополнителните царини од 50 отсто за кинеските производи ќе стапат на сила вечерва во 12:01 часот по источноамериканскo време.

„Царината стапува на сила вечерва во 12:01 часот. Значи, всушност утре“, рече Левит, одговарајќи на прашањето дали заканата на претседателот Доналд Трамп за Кина ќе биде спроведена.

На прашањето за можен договор со кинескиот претседател Си Џинпинг, Левит рече: „Претседателот верува дека Кина сака договор со САД. Кина мора да постигне договор со САД“.

„Не беше во ред да возвратат. Кога Америка е на удар, тој (претседателот) возвраќа посилно“, рече таа.

Минатата среда Трамп најави дополнителни 34 отсто царини за цел кинески увоз, со што вкупните царини надминаа 54 отсто.

Кина тогаш одговори со воведување контратарифи од 34 отсто за американските производи.

Трамп потоа предупреди дека ќе додаде уште 50 отсто тарифи доколку Кина не ги повлече контрамерките до денешниот рок. Кина не го стори тоа, така што вкупната царина за кинески увоз во САД сега ќе изнесува 104 проценти.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK