Тошковски најави кривична одговорност за вработениот во МВР по чија наредба не бил казнет братот на градоначалникот на Гази Баба
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник по чија наредба не е казнет братот на градоначалникот на општина Гази Баба кој возел побрзо од дозволеното и наместо него е казнет сосема друг граѓанин кој воопшто нема врска со сторениот прекршок.
Беше утврдена фактичка состојба многу пострашна од онаа што беше објавена од СДСМ, односно се утврди дека конкретниот полициски службеник постапил спротивно на неговите законски овластувања и дозволил одредено лице да помине без соодветна казна што требало да му биде изречена. Тоа е првиот прекршок. Вториот прекршок којшто е уште пострашен е тоа што недолжен граѓанин, кој не е поврзан со настанот, го навел во рамки на документацијата што се изготвува од страна на Министерството за вантрешни работи со што сторил одредено кривично дело кое ќе биде процесурирано од страна на Министерството за внатрешни работи, изјави попладнево Тошковски за телевизија „Сител“.
Братот на градоначалникот на Гази Баба кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час, според министерот Тошковски, денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“ и му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.
Овој случај МВР го расветли веднаш по информациите во јавно достапните гласила. Да упатам порака дека секој полициски службеник мора да постапува согласно закон и согласно стандардно-оперативни процедури. Никој нема никого да има шанса да го спаси од дисциплинска или друга одговорност, рече Тошковски.
Опозициската СДСМ денеска обелодени дека на 20 април на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фатила возило со преголема брзина кое било управувано од братот на градоначалникот на Гази Баба и дека полициските службеници не го казниле по наредба на началник во МВР.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.