Погребан папата Франциск

Со црковни песни, длабоки емоции и солзи, илјадници верници, граѓани и светски лидери му оддадоа последна почит на духовниот водач на Римокатоличката црква. Погребната церемонија започна утрово во 10 часот на плоштадот Свети Петар во Ватикан. Ковчегот на понтифот беше изнесен од базиликата Свети Петар, проследено со аплауз од насобраните верници.

Покрај 200.000 луѓе на погребната миса беа присутни повеќе од 220 кардинали и 750 бискупи, свештенство од другите цркви и верски заедници, како и 50-тина шефови на држави, влади и монарси од 164 официјални делегации, меѓу нив и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

На плоштадот Свети Петар места беа резервирани и за американскиот претседател Трамп и неговата сопруга Меланија, како и останатите светски лидери со сопругите –претседателот на Аргентина, татковината на Папата, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер и британскиот престолонаследник Вилијам, како и други познати европски лидери, меѓу нив и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Светата погребна миса ја предводеше италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре, исполнувајќи му ја последната желба на папата Франциск за скромно и достоинственио испраќање.

Франциск беше папа близок до народот, полн со човечка и духовна топлина и сакаше Црква отворена за сите, рече италијанскиот кардинал. Во неговиот говор се осврна на сите залагања на Франциск за подобар свет и човештво, заштита на маргинализираните, сиромашните и немоќните.

-Богат со човечка топлина и длабоко чувствителен на денешните предизвици, папата Франциск навистина ги сподели грижите, страдањата и надежите на ова време.- Кардинал Џовани Батиста Ре

Кардиналот Батиста Ре потсети на постојаните пораки за мир во светот на папата Франциск и важноста на неговото дејствување за градење мостови, а не ѕидови.

-Соочен со беснеечките војни во последните години, со нивните нечовечки ужаси и безброј смртни случаи и уништувања, Папата Франциск непрестајно го креваше гласот молејќи за мир и повикувајќи на разум и искрени преговори за да се најдат можни решенија.

-„Градете мостови, а не ѕидови“ беше поттик што тој го повторуваше многу пати.

Илјадници верници поитаа кон Ватикан во раната зора. Многумина кампуваа за да заземат места што поблиску до бината за церемонијата. Некои носеа знаме на својата земја околу рамената, други држеа слики од Франциск, познат по својата скромност и отворени ставови. Меѓу нив имаше и такви што патувале со денови од Еквадор за да стигнат на погребот на папата.

– Навистина е гужва. Но луѓето се среќни, времето е добро, се е добро. – кажа еден од присутните на плоштадот.

-Колку денови патувавте? Три дена. Нон – стоп? Само за да дојдете тука? –Да, не спиевме, погледнете ми ги очите, кажа верничка која патувала од Еквадор за да стигне до Рим.

По службата од Ватикан започна последното патување на папата со познатиот папамобил до неговото избрано почивалиште – едноставен гроб во неговата омилена црква Санта Марија Маџоре, во Рим. По должината на приближно 5,5 километри долгата рута од плоштадот „Свети Петар“, поворката помина покрај многу познати споменици во Рим, вклучувајќи го и Колосеумот, а толпи луѓе аплаудираа додека поворката поминуваше.

Пред базиликата Санта Марија Маџоре, ковчегот го пречекаа и членови на маргинализирани групи и сиромашни лица кон кои Франциск беше особено наклонет.

Тој е првиот папа погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век, а самиот погреб во Санта Марија Маџоре се одржа скромно и во тајност на негово барање. На неговата надгробна плоча наместо титулата која ја носеше 12 години стои само името „Франциск“.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK