Мицкоски за членовите на Судскиот совет: Образ ѓон, се уште седат и земаат илјадници евра плата

„Вие пратениците изгласавте недоверба на членовите на Судскиот совет. Но, и покрај тоа што тие ја добија недовербата од страна на тие кои што ги гласале, и понатаму продолжуваат да бидат дел од Судскиот совет и да земаат илјадници евра месечен надомест, притоа уживајќи помалку од 2 проценти доверба кај граѓаните и никому ништо. И тоа доволно ви кажува за каков профил на личности станува збор и зарем вие очекувате нешто различно од нив да донесат како одлука, посебно за случајот за младата Теодора која е прегазен ана пешачки премин“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.

Мицкоски упати остри реакции и за Советот на јавни обвинители.

„Но, не е само тоа. Во случајот има и една друга институција Советот на јавни обвинители, таму има еден замислете еден виш јавен обвинител кој што бара да се намали првостепената пресуда. Затоа што овој случај има прв дел од пресуда од 3 и пол години, се жали обвинителот на ниска казна, неговиот надреден кој што е во Вишото, ја прифаќа одлуката односно прифаќа таа да биде помала од 2 години“, рече Мицкоски.

„Зарем вие очекувате од овие луѓе нешто повеќе. Јас не. Образ ѓон.“, изјави Мицкоски.

„Ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење се лаже, нема така едноставно да поминуваат некои работи. Правдата мора да биде неприкосновена и да ја добијат сите,“, дециден е Мицкоски.

Во однос на реформите, истакна дека се во завршна фаза и очекува до крајот на јуни да бидат донесени, но како што рече лично има дилема дека нешто од тоа ќе функционира со вакви судии и обвинители.

„Тие се работат и се во завршна фаза. И се дел од реформската агенда и има јасен датум дека до 30.06 треба да се донесат. Но, искрен да бидам лично мислам и имам дилема дека нешто од тоа ќе функционира со овие вакви судии и обвинители кои се бирани на начин на кој што се бирани. Не сите, туку мала група, но таа мала група го контаминира она поголемо ткиво кое заслужува да биде и судија и обвинител“, појасни премиерот.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK