
Мјанмар прогласи една недела национална жалост по земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, каде загинаа речиси 2.800 луѓе, а надежите дека ќе се најдат преживеани под урнатините исчезнуваат, објавија светските агенции.
Воената влада на Мјанмар од понеделник прогласи една недела национална жалост, а едноминутно молчење беше одржано денеска во 12:51 часот по локално време, точно време кога земјотресот се случи во петокот.
Кинеската централна телевизија (CCTV), како што јави Ројтерс, во вторникот објави дека загинале 2.719 лица, 4.521 се повредени, а 400 се водат како исчезнати.
Во соседен Тајланд се знае дека загинале 20 луѓе, а илјадници луѓе се евакуирани во Бангкок поради пукнатини кои се појавиле во зградите.
Спасувачите во двете земји сè уште трагаат по преживеани, иако надежите исчезнуваат бидејќи критичниот период – првите 72 часа по земјотресот – измина.
ОН велат дека земјотресот ја влошил „веќе страшната криза“ во Мјанмар, кој е во четиригодишната граѓанска војна.
И покрај уништувањето, извештаите сугерираат дека воените лидери на земјата сè уште вршат воздушни напади врз продемократските бунтовнички групи.
Хуманитарните групи кои пристигнуваат во најтешко погодените области на Мјанмар рекоа дека жителите имаат итна потреба од засолниште, храна и вода по минатонеделниот разорен земјотрес.
„Во најтешко погодените области… заедниците се борат да ги задоволат своите основни потреби, како што се пристапот до чиста вода и санитарни услови, додека тимовите за итни случаи неуморно работат на лоцирање на преживеаните и обезбедуваат помош за спасување“, се вели во извештајот на телото на ОН.
Меѓународниот комитет за спасување соопшти дека се потребни засолништа, храна, вода и медицинска помош на места како што е Мандалеј, во близина на епицентарот на земјотресот.
Граѓанската војна во Мјанмар, каде што хунтата ја презеде власта со државен удар во 2021 година, ги попречува напорите да се дојде до повредените и луѓето кои останаа без покрив над главата во најсилниот земјотрес во оваа југоисточна азиска земја во еден век.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.