Видевски негира било каква поврзаност со убиствата на Жежовски и Вања

За разлика од Манев, Видевски негира дека е поврзан со киднапирањата на Панче Жежовски и на девојчето Вања Ѓорчевска, иако негова ДНК е најдена на лентата што по грабнувањето на Вања и ја залепил на устата. Покрај Манев и Видевски, обвинети за киднапирањата и убиствата се Љупчо Палевски и Влатко Кешишев.

Тој денеска стартуваше со прашања од неговиот адвокат.

Рече дека интензивните контакти со Велибор му биле во партијата „Десна” на Љупчо Палевски.

Адвокатот го праша кај бил пред и на денот на киднапирањето на Панче Жежовски.

„На 21 бев на работа. Вечерта имав слава Св. Архангел Михаил. На 22 и на 23 ноември исто така бев на работа како и на 24.11.2023 година”, рече Видевски и додаде дека обично на работа останувал до 15 часот.

„Ве има на снимките на камерите кај Велибор како се подготвувате за нешто, ноќе. Опишете зошто е тоа”, рече адвокатот.

„Имаше стравување дека Охридската Архиепископија ќе се смени во Црква на Северна Македонија. Требало да се соберат 150 илјади потписи и да се организира литија која би почнала од Велес. Тоа што сте го гледале на камерите е една таква подготовка”, одговори Боре Видевски.

На 26 ноември, ден пред да биде грабната и убиена Вања, за што во обвинението пишува дека Боре ја совладал Вања и со Велибор ја ставиле во гепекот на „ситроенот“ на убиениот Панче, тој кажа дека бил во Скопје и си заминал вечерта дома.

Утредента бил во Скопје во партијата „Десна”. Вели дека не ја грабнал Вања, тврди дека спиел и станал во 10 часот.

„На трети декември бев на пазар. Ми заѕвоне телефонот, ми рекоа полиција ме бара дома. Дојдов, беа со 2 коли. Отидов со нив. Во полиција ми го зедоа мобилниот телефон, потоа ме однесоа во Скопје. Ме симнаа во една ќелија. Потоа ме качија пак и веќе во ходникот еден од инспекторите ме фати за раката, ме повлече. Ме соборија уште во ходникот. Се појави уште еден човек. Почнаа да удираат, да зборат за случајот Панче, па за Вања. Прво ми кажуваат податоци, па ме прашуваат за истото што ми го кажале. Потоа се појави трето лице, ми рекоа зборувај”, рече Видевски.

Кога им кажал „не знам ништо“, уште повеќе почнале да го маваат, тврдеше тој. Не го мавале по главата, го удриле како што тврдеше, по трансплантираниот бубрег.

„Ме прашуваа зошто сум ги направил киднапирањата, убиствата. Ми покажуваа слики од нивните мобилни телефони, имаше една и од убиеното девојче. Но и една слика од лев дел на шофершајбна и странично десно стакло на вратата. Имаше човек, рака, дел од рамо и тегет адидас тренерка. Удираа и велеа еве си ти на сликата. На крајот го постигнаа тоа што го сакаа. Добија изјава во која јас сум виновен, ја направија изјавата и ме натераа да потпишам”, даваше одбрана Видевски.

Тој се осврна и на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски.

„Ме прашаа дали го знам таткото на девојчето. Реков не го знам. Дојде третото лице со палка и ми рече ќе те убијам ако не кажеш дека го познаваш. Потоа и пред обвинителката тоа го кажав. Од страв ѝ одговорив дека не сум повреден и немало тортура кон мене”, рече Видевски, кој негира воопшто некаква поврзаност со кривичните дела кои претходно Велибор Манев во 5 рочишта детално ги опиша сосе Боре како учесник и помагач во нив.

Потоа го однеле во притвор.

„Веќе другиот ден ме однесоа во друга просторија, ме соблекоа од појасот нагоре, ме легнаа и почнаа да ме газат со чизми”, кажуваше Видевски.

Според законот, обвинетите во давањето одбрана можат пред судот што сакаат да кажат. Во поткрепа на тие кажувања може ако сакаат и ако сметаат, да повикаат сведоци за нивните тврдења.

Видевски рече дека неговото доаѓање од Велес во Скопје било и за барање простор за конгрес на партијата „Десна”, зашто последниот пат бил одржан во село Бразда. Никој не им давал простории.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.

ZBOR.COM.MK