Украинскиот Парламент не ја изгласа резолуцијата за поддршка на Зеленски

Мандатот на Зеленскиот формално заврши во мај, но нови избори не можат да се одржат поради воената состојба во земјата.

Украинскиот парламент не успеа да изгласа резолуција со која се потврдува легитимитетот на претседателот Володимир Зеленски, откако на денешната седница не доби доволно гласови за усвојување таков документ, јави ДПА.

На специјалната седница на Врховната рада, свикана по повод третата годишнина од руската инвазија, резолуцијата доби 218 гласови, осум помалку од потребните 226.

Од присутните пратеници, 54 не учествуваа во гласањето, меѓу кои 38 членови од партијата „Слуга на народот“ на Зеленски.

Документот беше предложен како симболичен чин на поддршка за Зеленски, чија легитимност е оспорувана од Русија, а неодамна и од некои претставници на САД.

Во резолуцијата се наведува дека Зеленски бил избран на „слободни, транспарентни и демократски избори“ и дека неговиот мандат „не е доведен во прашање од украинскиот народ или парламентот“.

Исто така, се повикуваше на член 108 од украинскиот Устав, според кој претседателот останува на функција сè додека не биде избран негов наследник.

Мандатот на Зеленскиот формално заврши во мај, но нови избори не можат да се одржат поради воената состојба во земјата.

Минатата недела американски претседател Доналд Трамп го нарече Зеленски „диктатор“ бидејќи не одржал избори во последните години, што е теза што претходно ја промовираше и Русија.

Без јасна парламентарна поддршка, Зеленски би можел да се соочи со потешкотии во ратификацијата на меѓународни договори, како потенцијален мировен договор со Русија или договор за минерали со САД. (МИА)

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.