Услов за влез во ЕУ не смее да биде искривување на историската вистина дека Бугарија ги депортираше макeдонските евреи

Холокаустот на македонските Евреи и на тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на Холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара. Ова е една од пораките кои во својот говор денеска, на одбележувањето на Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот во  Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ги испрати Горан Садикарио, директорот на Музејот на Холокаустот во Скопје.

Садикарио јасно вели дека „компромисот со историската вистина за холокаустот на македонските Евреи може да го компромитира уникатниот статус на Холокаустот како тотално зло“. Во продолжение го пренесуваме неговиот говор:

„Денес, по повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот 27 јануари и 80 години по ослободувањето на Аушвиц се сеќаваме и одаваме почит на 6 милиони Евреи и сите други кои беа прогонувани и убиени од страна на нацистичкиот режим, нивните сојузници и соработници.

Првата претседателка на Фондацијата за сеќавање на Шоа, Мадам Симон Веј, истакнува дека „Шоа не требаше да остави ниту еден единствен сведок, ниту да биде дел од историјата. Целта на ‘конечното решение’ формулирано на конференцијата во Ванзе беше да искорени цел народ од светската историја и од меморијата на човештвото. […] Нацистичката машинерија на смртта требаше не само да направи Евреите како народ да исчезнат, туку и да ги избрише доказите дека тие биле убиени.“.

Живееме во време на динамични политички и економски збиднувања кои ја детерминираат нашата иднина, а кои пак за жал задираат во нашето минато. Историскиот ревизионизам и релативизирање на настаните од минатото, спонзорирани или поттикнати од државниот апарат се реалност.

Па оттука се поставува прашањето, дали „Никогаш повеќе“ и „Да не се заборави“ се само празни флоскули или имаат некакво суштесвено значење во креирање на свет ослободен од секакв вид на дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, шовинизам, и исклученост.

Токму затоа сме денеска тука, да се сеќаваме, да ја одбраниме историската вистина и да се спротивставиме на обидите за бришење на доказите за холокаустот на македонските Евреи преку историски ревизионизам, рехабилитација и глорификација на злосторниците. Затоа од тука порачуваме дека треба да постои свест за негирањето и искривување на холокаустот, таквите невистини треба да се оспорат и осудат на национално и меѓународно рамниште.

Компромисот со историската вистина за холокаустот на македонските Евреи може да го компромитира уникатниот статус на Холокаустот како тотално зло. Не смее да се дозволи таков преседан, бидејќи секој преседан, порано или подоцна, може да стане правило. Холокаустот на македонските Евреи и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара. Европската Унија не може да се бори против антисемитизмот доколку дозволи искривувањето на историската вистина на холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство.

Едукацијата за Холокаустот е основниот столб на Меморијалниот центар, но во истовреме има цврста мисија за одбрана на историската вистина. Во сеќавање на 6 милиони убиени Евреи, во спомен на нашите македонски- еврејски жртви, комеморираме и не забораваме, опоменуваме и едуцираме. Ние новите генерации од еврејската заедница го чуваме минатото и ги зацврстуваме врските со сите оние кои со нас го чуваат доброто од злото, со нас гласно опоменуваат и го пренесуваат историскиот факт преку образованието – најзначајниот чувар на минатото и светилник на иднината.

Во таа насока, Управниот одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија донесе одлука за бесплатен влез на организирани групи од основните и средните училишта во Меморијалниот центар.

Изложбата која ке имаме можност да ја погледнеме Аушвиц – Место на Земјата – Албумот од Аушвиц креирана од Јад Вашем од Израел, низ сликите од албумот и сведоштвата на преживеаните ни остава аманет преку образованието да се бориме со ревизионизмот и заборавот.

Ние, децата на еврејската заедница, со длабоки корени во македонската земја, имаме обврска да го одржиме сеќавањето на нашите предци живо, знајно и запаметено.

Ќе завршам со цитат на Гита Шами Калдерон, еврејка од Битола која го преживеала Аушвиц, во својата книга Мишлоах Манот која е промовирана токму во оваа зграда, за сеќавањата од Аушвиц ќе напише:

„За да останам прибрана си повторував: Мораш да останеш жива за да можеш да се одмаздиш. Да живеам. Да живеам за моето семејство, да живеам за да можам да му раскажам на светот“!

СИН МЕМОРИА НО АЈ АВЕНИР – БЕЗ СЕЌАВАЊЕ НЕМА ИДНИНА“, рече во своето обраќање директорот на Музејот на Холокаустот, Горан Садикарио.

На настанот свои обраќања имаа и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и амбасадори, а присуствуваше и директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи г – ѓа Оливера Трајковска.

Во рамки на настанот беше отворена изложбата од Јад Вашем – Израел, насловена како „Аушвиц – место на Земјата”.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.