Со Бадникови поворки низ цела Македонија најавено Христовото раѓање
Преку 3000 дечиња во Скопје со пеење на песната Вечниот бог и носење на божиќната пештера, го најавија Христовото раѓање. Бадниковата поворка тргна од пред Општина Кисела Вода до Музејот на град Скопје па преку улицата Македонија до градскиот плошад, каде најмладите беа дарувани со подароци.
Со насмевка на лицата, најмладите ги симболизираа анѓелите што ја носат радосната вест христовото раѓање.
Старата коледарска песна ја пееја и повозрасните, кои си посакаа многу среќа и здравје во новата 2025 година.
Поворката заврши со голем божиќен концерт со македонските ѕвезди Пере Нокаут, Мартин и Стефан од „Некс Тајм“ и Димитар Андоновски. Бадниковите поворки денес се одржаа во 80 населени места вклучувајќи ја и дијаспората. За првпат се приклучија и Македонци од Слованија, а новитет годинава е новата божиќна пештера која стои на плоштад Македонија.
Бадникови поворки имаше и во Охрид, Прилеп, Велес, Штип, Кавадарци, Куманово.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.
Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.