Опожарен три автомобили во Куманово, еден е на обвинителот Бајрами

Три возила синоќа биле опожарени во Куманово, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи и од територијалната противпожарна единица Куманово.
Според информациите, пожарникарите интервенирале на две возила на улицата „Трст“ и на уште едно на улицата „Никола Вапцаров“, со по една екипа.

На пожарот на фотокопирницата, пожарникарите интервенирале од 03:15 до 04 часот, на двата автомобили на улицата „Трст“ од 03:25 до 04:20 часот, последната интервенција е од 05:40 до 06:15 часот.

Во дневниот билтен на РЦУК Куманово се наведува дека пожарникарите синоќа има уште две интервенции на опожарена фотокопирница на улицата „11 Октомври“ и на опожарена фасада од куќа на улицата „Никола Вапцаров“.

Со информации излегоа и од МВР од каде велат дека кај нив добиена е пријава во 03.20 часот дека бил опожарен деловен објект на улица „11 Октомври“, сопственост на М.Ј. од Куманово.

-Исто така, било пријавено дека биле опожарени три патнички возила на улиците „Трст“, „Вардарска“ и „Никола Вапцаров“ во Куманово, и тоа патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Б., патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е. и патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.Ш.. Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема, информира МВР.

Увид извршила екипа од СВР Куманово, известен е и јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Од Обвинителството информираат дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија.

-Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, информираат од ЈО.