ОД 150 ДО 800 ЕВРА ЗА СЕКС СО БРАЗИЛКИ Бразилка и Македонци врбувале жени за проституција, жртвите биле сместени во Џевахир
Бразилките биле сместени во изнајмени станови во кулите Џевахир и нуделе сексуални услуги на клиенти преку меѓународна веб-страница за ескорт девојки.
Бразилска државјанка со помош на двајца Македонци и лица од Португалија врбувле жени од Бразил да вршат проституција. Девојките биле сместени во кулите Џевахир, а ценовникот за услугите се движел од 150 до 800 евра.
Од Полицијата информираат дека се приведени четири лица: Д.Ј.Н.М. (34), М.М. (57), С.Д. (47) и Н.М. (23), кој се осомничува за перење пари.
Според досегашните информации, од декември 2023 година, првоосомничената, бразилска државјанка, заедно со двајца македонски државјани, а со помош на неидентификувани лица од Португалија, организирала врбување и сместување на жени од Бразил во Скопје за да вршат проституција. Тие биле сместени во изнајмени станови во комплексот Џевахир и нуделе сексуални услуги на клиенти преку меѓународна веб-страница за ескорт девојки.
„Првоосомничената ги контролирала профилите на девојките, организирала контакт со клиенти и го утврдувала ценовникот за сексуални услуги, кој се движел од 150 до 800 евра. За нејзината улога во операцијата добивала 30% од заработката на девојките. Дел од паричните средства заработени на овој начин биле уплатени преку електронски трансфер во Португалија и Бразил. Покрај тоа, второосомничениот ја организирал логистиката, а третоосомничениот извршувал трансакции на пари преку различни методи. Четвртоосомничениот, пак, бил корисник на сексуални услуги и помогнал во прикривање на изворот на парите“, велат од полицијата.
Во рамки на акцијата, извршени се пет претреси во Скопје и Куманово, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, лаптопи, пиштоли, пари и документација, која ќе помогне во понатамошното истражување на случајот.