МЕПСО го раскина договорот со изведувачот за далеководот кон Албанија – не ги исполнил обврските
АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со ” Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница.
До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.
-Договорот со ” Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година.
Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, ” клуч на рака”. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот, велат од компанијата.
Од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата.
-Имајќи ја во предвид настаната ситуација, одолговлекувањето на работите како и целосното еднострано напуштање од страна на изведувачот, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата на РСМ.
АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот.
Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Македонија, Албанија и регионот во целина, стои во соопштението.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.