Дисциплински мерки за полицајците од ГП „Долно Блаце“ кои го пропуштиле Артан Груби

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди покрена постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против полицајците од граничниот премин „Блаце“ Б. Ј. и Б. А., кои на денот на акцијата за претрес за случајот „Лотарија“ на 15. овој месец, го пуштија за проневера осомничениот поранешен прв вицепремиер Артан Груби да избега од апсење, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Полицискиот службеник Б. Ј., кој се товари дека направил тешка дисциплинска грешка, е тргнат и суспендиран од работа.

Иако за Груби до сите гранични премини МВР доставило известување „задржи и веднаш извести“, полицискиот службеник Б. Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од Македонија, не го евидентирал за остварување на излез од државата, а патниците од „мерцедесот“, едниот со дипломатска патна исправа како возач и Груби со македонска патна исправа како совозач, ги завел дека пешки ја поминале границата.

Овој полициски службеник не почекал системот да утврди дали за Груби има активна мерка „задржи и веднаш извести“, туку веднаш нему и на возачот им ги дал пасошите, по што тие го напуштиле граничниот премин. Полицаецот ќе биде под истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Со наведените дејствија, Б. Ј. постапил спротивно на чл. 12 т.1, чл. 13 с.1 т.8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Во врска со настанот, од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување заради запознавање на јавниот обвинител“, вели МВР.

Баш кога поминувал Груби, камерите на граничниот премин не работеле.

„Од страна на раководителот на смена Б. А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина, бидејќи тој како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смената, со Мобилен систем за снимање со камери(МССК) и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б. Ј., С. Ф., Б. А., Ф. Ф. и Е. Ш. било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б. А. истите полициски службеници не биле задолжени со други мобилни камери, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на внатрешната контрола, исто така било утврдено дека од страна на раководителот Б. А., откако камерите биле вратени, тие не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со Мобилниот систем за камери“, вели Министерството за внатрешни работи.

МВР распиша меѓународни потерници по Артан Груби и ексдиректорот на Државна лотарија Перпарим Бајрам, осомничени за проневера во истрагата за Лотарија. Потерницата е објавена откако вчера Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за Груби и Бајрами. Претходно вчера Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на двајцата осомничени. Груби и Бајрами се осомничени за кривичното дело Проневера, а останатите четворица за Злоупотреба на службената положба и овластувања. На останатите четворица осомничени, кои се достапни и сослушани, судот им одреди поблаги мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и обврска за повремено јавување во судот.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.