Тошковски со нови моменти за акцијата против „полициските кртови“ во корист на бандата од Грчец
Двајцата полицајци и членот на бандата од Грчец кои вчера ги уапси полицијата добија притвор од судија на претходна постапка. Според информациите, полицајците соработувале со криминалната група на тој начин што ги известувале со информации кои се поврзани за нив и нивните истраги кои се во тек.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека полицијата има докази дека бандата од Грчец харала низ поголемиот дел од територијата на државава, но активна била и надвор од нашите граници.
„Полициските службеници ја злоупотребувале институционалната доверба и моќ која што ја имале, и во соработка со криминални групи, вршеле дејствија кои што биле спротивни на законот, и за што ќе треба да сносат одговорност.“ – Панче Тошковски министер за внатрешни работи.
Според информациите од Јавното обвинителство, за ваквото неовластено откривање, приведените полициски службеници предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и оневозможувале обезбедување на докази.
„Осомничените, од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи.“ – ОЈО.
Инаку, криминалната банда со која соработувале полицајците е добро позната на органите на прогонот. Полицијата и специјалните единици на бандата од Грчец им влезе во траг на 20ти јануари годинава кога уапси едно лице, а еден од осомничените успеал да избега. Тогаш не беа приведени полициски службеници.
Оваа акција следуваше откако на деветти истиот месец полицијата во скопското село Грчец заплени поголемо количество на огнено оружје. Неофицијално, на чело на оваа банда е Шеваљ Муареми кој е во бегство, кој заедно со уште неколкумина се бараат како осомничени за неколку убиства, киднапирање и продажба на оружје и дрога.