Провокација од избришаниот, но активен, бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ за денот на ослободувањето на Битола
На 1 ноември, три дена пред прославата на 80-годишнината од oслободувањето на Битола, бугарскиот клуб организираше настан посветен на бугарските преродбеници.
Говорниците на настанот рекле дека Војдан Чернодрински е бугарски преродбеник и дека „Македонска крвава свадба“ претставува дел од бугарското културно наследство, како и олицетворение на борбата за слобода на Бугарите. Говорникот Калин Крумов објаснил дека двајца млади се вљубуваат, но Турците ја грабаат девојката, а Бугарите се спротивставуваат.
Потпретседателката на македонското Собрание и пратеничка на ЗНАМ, Весна Бендевска, денеска официјално се обрати до Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола со сериозно известување. Во него, таа укажа на загрижувачкиот факт дека бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, иако беше избришан од Централниот регистар во март минатата година, продолжува да функционира. Според Бендевска, клубот активно објавува содржини на социјалните мрежи кои се сметаат за провокативни и насочени против националните чувства на македонскиот народ, неговата историја, јазик и култура.
Ако има индиции за незаконито дејствување, веднаш ќе поднесам нова кривична пријава против Љупчо Ѓоргиевски, поранешниот претседател на ова здружение“, изјави Бендевска.
Инаку, бугарски клуб претходно беше отворен и во Охрид.
Македонска крвава свадба е најкомплетниот драмски текст на Војдан Чернодрински, како во поглед на содржината, така и во однос на уметничкиот дострел, околу чие создавање и изведување изникнале цели перипетии. Во текот на размислувањата околу фабулата и ликовите, Чернодрински го најавил својот нов драмски проект, а заинтересираните веќе заинтригирани од познатите на авторот веднаш побарале да го прочитаат ненапишаниот текст и да се отпочне со распределбата на улогите!
За да не се посрамоти, Чернодрински во еден навистина рекорден рок го напишал текстот. Малку подоцна, преку пробите, јавноста индиректно била запознаена со самата содржина на делото. Така дошло до интервенција кај официјалните бугарски власти од страна на еден туѓински дипломат кој побарал да се прекратат пробите на оваа драма. Реакционерната власт издала заповед за да се престане со работата над сценската реализација на делото. А кога главните протагонисти се оглушиле од таа заповед и ја закажале премиерата, пред зградата на “Славјанската беседа” во Софија, на самиот ден на премиерата, стигнала група вооружени коњички стражари со цел да ја разбркаат публиката. Пред нив, меѓутоа, застанале повеќемина четници и со парабелуми во рацете – го обезбедиле текот на премиерната изведба!