Новите лица на СДС – продолжена рака на Заев
Централниот одбор на СДСМ вчера на седница го избра новото раководство на партијата.
Според информациите, нов генерален секретар на партијата е Александар Димитријевиќ, кој потекнува од Општинската организација во Гази Баба.
Исто така, избрани се два нови организациски секретари и тоа: поранешниот пратеник Мартин Костовски од Куманово и Љупчо Фармаковски од СДСМ Центар.
Состанокот помина во одлична атмосфера со многу енергија и ентузијазам кај новите членови на Централниот одбор. Се избра новото партиско раководство, членовите на Извршниот одбор. Во партијата вечерва избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење, искуство во своите области на делување коишто верувам дека со сета сила и знаење ќе се вложат во периодот којшто следи, рече Филипче на прес-конференција.
Нагласи дека веќе имаат план за работа кој со многу силна енергија ќе почне уште од утре.
Направен е план за посета сите општински организации и за комуникацијата со луѓето и начинот на којшто ќе допреме до членовите, симпатизерите, до оние коишто од некакви причини не гласаа, се налутија, останаа дома, гласаа за друг политички субјект. Спремни сме да ги слушнеме сите нивни предлози и во еден широк инклузивен процес да ги вклучиме сите наши членови, симпатизери во процесот на креирање на политики, порача Филипче.
Венко Филипче, неврохирургот на Зоран Заев уште еднаш вечерва покажа дека не можеа сам да стои на свои нозе во политиката, велат од ВМРО-ДПМНЕ по внатрепартиските раководни именувања во СДСМ.
-По изборот на Централниот одбор во кој има само поранешни функционери на СДС од времето на Заев, како и заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска која се бореше со сите сили да го устоличи Заев за премиер и вечерва со изборот на потпретседателите, како и генералниот секретар, така и двајцата организациски секретари докажа дека нема ништо ново освен стари излитени кадри. Свежина и промени во СДС не се ни на повидок, наводните промени не се ништо друго освен продолжување на политиката на Заев, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека потпретседателите се само продолжена рака на Заев кои во негово време беа стоти ешалон сега му ги нуди на Филипче за во прв.
-Потпретседателите се без исклучок случи на Заев. Поранешната министерка за животна средина е потрчко на Заев. Ана Чупеска Станишева, професорка на Правниот факултет во Скопје Јустинијан Први е позната во јавноста по налудничавата идеја стотина македонски новинари да завршат в затвор. Кристина Костова која како печат од своето делување ја има само Шарената револуција.
Едно е јасно светлина во тунелот наречен СДС нема, има само стари рециклирани кадри кои му служат на Заев што говори и дека тој ќе ја води партијата, а не Филипче, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.