Минатата власт го “потона” проектот со затворените базени – во тек е ревизија за да се спаси што може да се спаси
По завршувањето на ревизијата, ќе се крои судбината на штипските затворени базени, кои поранешната Агенција за млади и спорт, почна да ги гради уште во 2019 година. Дополнително, ревизија се прави и на големиот пливачки базен во Охрид. Според проценките на Министерството за спорт, само 20 до 30 отсто од градежните активности, се завршени..
„Скоро сите базени се завршени околу 20до 30отсто. Можам да најавам дека ќе се направи комплетна ревизија, па после ќе донесуваме одлуки. Да направиме една линија, да видиме што е сработено, дали правилно е сработено, па потоа. Но, нешто што е започнато не можеме да го вратиме назад, ќе го завршиме! Меѓутоа мора да напоменам тоа ќе биде по завршувањето на ревизијата„ изјави министерот за спорт, Борко Ристовски.
Темелите на штипскиот затворен базен, беа поставени во февруари 2020, со ветување дека наредната година ќе биде готов. Но, децата во градот се уште чекат на првите часови по пливање. Сега објектот е обраснат со трња и опколен со бодликава жица. Минатата година локалната самоуправа, се понуди сама да го изгради и стопанисува, но тогашната централна власт го одби ваквиот предлог. Според министерот Ристовски, одржувањето на ваквов коплекс ќе биде оптоварување на локалните самоуправи, но потенцира дека се разгледуваат планови кои би го олесниле нивното функционирање и одржување.
„Овој тип на базен што беше проектиран е скапа работа и по некој пресметки нивното одржување месечно би чинело околу 3милиони денари, што морам да напоменам дека за секоја општина би било сериозно оптеретување. Имаме некакви размислувања, но најпрвин да излезат ревизиите, па потоа ќе размислувај кој и како би стопанисувал со нив„ изјави министерот за спорт, Борко Ристовски
Проектот изградба на 14 типски базени помпезно беше најавен во 2019. Во првата фаза затворени базени покрај Штип, требаше да добијат Кисела Вода, Ѓорче Петров, Карпош, Битола, Кичево, а во нредните две години со градба да се започне во Струмица и Кавадарци. Единствено завршени и ставени во функција се базените во Тетово и Струга.