МЕПСО ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ДАВА ДОНАЦИИ – давале на Шкендија Арачиново, боречки клуб, студио за танц

АД МЕПСО ги прекинува сите  видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година. Одлуката  беше донесена едногласно, на седница на Управниот одбор на АД МЕПСО, предводен од страна на генералниот директор Бурим Љатифи. Заеднички заклучок е дека  трошоците  и издатоците по оваа основа треба да се стопираат до следната 2025 година,  кога овој процес ќе продолжи и понатаму да функционира, но на транспарентен начин и со детално почитување на критериумите предвидени за оваа намена, соопшти МЕПСО.

На ваков чекор Управниот Одбор се одлучи по анализата на долгата листа на донации и спонзорства и паричните средства кои биле доделени од почетокот на годината па се до доаѓање на новото раководство. Сеопфатниот преглед на нашите служби покажа дека во првите седум месеци од 2024 година претходното раководство, кое наводно делувало согласно Законот за донации и спонзорства во јавни дејности, ја пречекорило финансиската програма за 2024 за речиси 10 милиони денари .

За новиот менаџерски тим единствен приоритет останува вложувањето исклучиво во продуктивни инвестиции кои се во насока на градење и управување на стабилен и доверлив електропреносен систем  на најтранспарентен начин и отчетно“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Новата власт откри дека МЕПСО давале донации на спортски клубови, студио за танц, боречки клуб…

Донациите и спонзорствата се следни:

Фитнес клуб Динамик Скопје добило 200.000,00 денари.

Понатаму, 100.000 денари донација на Македонско стоматолошко друштво МСД Скопје.

Примател на донација или спонзорство е и Шкендија-Арачиново со исплата на 08.03.2024 во износ од 300.000 денари.

–  За дел од примателите на донациите, како на пример СЕСОН кое добило 300.000 денари и ОФ на Македонија кое добило 1.000.000 денари не може да се најдат подетални податоци. Понатаму, на Центарот за модерни и спортски танци Прима Данца биле доделени 300.000 денари во месец април оваа година. На Боречки клуб Тефејуз Скопје биле доделени 300.000 денари, рече Митева во септември како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.