Инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството се жилави, борбата ќе биде долга и исцрпувачка, вели Мицкоски
Борбата против инсталациите на СДСМ и ДУИ во судството и обвинителството ќе биде „долга и исцрпувачка, бидејќи тие инсталации се жилави“, вели премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека на крајот ќе бидат поразени и граѓаните ќе добијат правда.
Борбата, како што рече Мицкоски, не очекува да биде лесна и во обвинителството и во судството, затоа што „нивната цел да дадат се од себе за да го уништат обвинителството и судството за да можат нивните вистински стопани, тие малкумина обвинители и судии да ги заштитат, добива епски размери“.
Честопати, во изминатите речиси пет месеци како сме Влада се случува некој од обвинителите да имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и т.н. во моментот кога ќе треба да се преземе акција против криминалците кои беа симбол на едно минато седумгодишно владеење, кое не треба да ни се повтори – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Тутунскиот комбинат АД Прилеп.
Според Мицкоски, овие инсталации се мали и станува збор за малкумина и во обвинителството и во судството.
Малкумина се во обвинителството и во судството кои се уште се слепи послушници на претходната влада од СДСМ и ДУИ, но можам да ви кажам дека ќе победиме. На крај, тие ќе бидат поразени, а македонските граѓани ќе добијат правда, онаква каква што заслужуваат, а не неправда од страна на малкумина октроирани послушници на претходната влада на СДСМ и ДУИ, кои во последен момент секогаш добиваат стомачни напади, вируси, главоболка и температура кога треба да се дејствува – изјави Мицкоски.