Една година од убиството на Вања: Македонија завиена во црно чека правда – почивај во мир мило девојче

Јавноста единствено чека правда. Монструмите кои се виновни за убиството на Вања треба да ја добијат највисоката казна која ја предвидуваат македонските закони. Тука никој нема дилема.

На 27.11.2023-та година Македонија ја разбуди веста дека е исчезнато 14-годишно девојче. Станува збор за Вања Ѓорчевска од Скопје. Нејзината фотографија со брзина на светлината се шири по социјалните мрежи.

Полицијата на нозе, граѓаните вознемирени. Сите тој ден посилно ги гушкавме своите деца, се плашевме од неколкуте можни сценарија, а тоа најлошото кое на крај испадна вистина, никој не дозволи да му дојде на памет.

Рано наутро, во срцето на градот, во Дебар Маало, Вања го напушта својот дом и се упатува кон своето училиште. Таму не стигнува. Порака од наставничката упатена до мајката на ученичката го пали црвениот аларм. Вања е пријавена за исчезната.

Членови на семејството, полицијата, соседи, другарчиња и загрижени граѓани тргнаа во потрага по Вања. Никој од нив во тој момент не знае дека Вања е веќе свирепо убиена, само два часа откако монструми ја грабнаа пред да ја напушти зградата во која живее.

Шест дена Македонија живееше во страв, но и во надеж дека потрагата ќе има среќен крај и дека тоа убаво девојче од фотографиите ќе се врати дома здрава и жива. Од тој сон се разбудивме на 3-ти декември кога осамна веста дека Вања е пронајдена, но мртва.

Надежта која тлееше се претвори во гнев и лутина, а информациите кои ги добивме од надлежните тогаш, повеќе отворија отколку што затворија низа прашања.

Денес е 27.11.2024-та година, една година од ланскиот кобен ден. Гневот и лутината уште тлеат во секој од нас додека чекаме правда следејќи го судскиот процес.

На обвинителните клупи во Кривичниот суд седат петмина обвинети. Првообвинет за убиство и грабнување – Љупчо Палевски Палчо, тројца негови соработници Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски. До нив и обвинетиот кон кого се вперени сите погледи – Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.

Со ужасни детали започна судскиот процес. Што дозна јавноста?

Обвинителниот акт даде и детали од грозморното убиство.

Вања Ѓорчевска била грабната од влезот на зградата каде што живеела.

Грабнувачите ѝ ги врзале рацете и нозете, ја покриле со вреќа за спиење и ја ставиле во гепекот на возилото „цитроен“.

Била однесена во атарот на скопското село Бразда, каде е убиена, а потоа е запалено возилото.

Со пиштол со калибар од 9 милиметри и преку перниче обвинетиот Љупчо Палевски Палчо пукал во главата на Вања Ѓорчевска, се наведува во обвинението за убиството на 14-годишното девојче што се случи лани во ноември во Скопје.

Обдукцијата покажала дека Вања во десната хемисфера од мозокот имала рана и огнострелен канал од 34 сантиметри кој минувал низ вратот до четвртиот пршлен.

Убиена е свирепо, како во сцена од хорор филм. За неа не е баран откуп иако надлежните тогаш велеа дека мотивот е користољубие. Според веќе покренатото обвинение, целта на обвинетите била да присилат член на потесното семејство на Вања, да даде парични средства за откуп.

Тоа што се менуваат изјави, се подметнуваат признанија, се префрла вина од еден на друг, е работа само на судските органи. Палчо, Влатко, Велибор и Боре се нивна работа. Обвинителката е категорична дека против сите има цврсти материјални докази. Како е вмешан таткото е едно од најчесто поставуваните прашања, но одговор нема додека не се обелоденат доказите.

Јавноста единствено чека правда.  Монструмите кои се виновни за убиството на Вања треба да ја добијат највисоката казна која ја предвидуваат македонските закони. Тука никој нема дилема.

„Кај в слана тивко венеше цвете- убија дете“…

Почивај во мир мило девојче!