Астронаут фотографираше изгрејсонце и зајдисонце во ист кадар (ВИДЕО)

Врвна фотографија со продолжена експозиција пристигнува од орбитата, каде што астронаутот на NASA, Дон Петит ја искористи новата фотографска опрема и направи многу атрактивен кадар, видлив само оттаму.

Астронаутот на NASA, Дон Петит не само што е квалификуван за вселенски летови и работа на Меѓународната вселенска станица, туку е и талентиран фотограф. Неговото последно дело, снимено од ISS пред неколку дена, брзо стана вирално на социјалните мрежи, привлекувајќи внимание и визуелно и технички.

Петит сними светлосни траги од Земјата, ѕвездени траги на небото и истовремено изгрејсонце и зајдисонце – сето тоа на една фотографија. За ова користеше широк аголен објектив од 15 мм, поставен покрај прозорецот на Меѓународната вселенска станица. Благодарение на 30-минутната експозиција, светлосните траги од небото и земјата се „развлечени“ низ целиот кадар, а поради брзото патување на ноќната страна на Земјата за само половина час на сликата се појавија и изгрејсонце и зајдисонце. Со внимателно набљудување може да се забележат и повремени молњи, аурората и отсјајот од атмосферата.

За снимањето беше користен фотоапарат Nikon Z9 со објектив Arri-Zeiss 15mm T1.8, при што беа направени серии од 30-секундни експозиции, подоцна споени во една 30-минутна фотографија во Photoshop. Со осум години старите лаптопи на ISS, вели Петит, не успеал да ја обработи фотографијата целосно како што сакал, бидејќи примената на филтри за отстранување на визуелниот шум би траела 30 часа. Затоа најави дека целосно чистите и завршени фотографии ќе ги објави по враќањето на Земјата. Но, и вака, љубителите на вселенската фотографија имаат во што да уживаат.

Оваа фотографија и сите останати снимени од ISS може да се најдат на профилот на Петит на X. Доналд Рој Петит е искусен астронаут на NASA и хемиски инженер, хоби-фотограф и првиот човек кој добил патент за иновација создадена во вселената. Имено, во ноември 2008 година, за време на мисијата на Space Shuttle, тој осмислил чаша за кафе која може да се користи во безтежинска состојба, без пролевање и без потреба од пиење низ сламка. Подоцна го патентирал изумот и стана првиот изумител со патент од вселената. Во моментов е на својата четврта вселенска мисија и досега има поминато повеќе од 420 дена во вселената.