Алијанса против Алијанса – фрчат тужби во тетовскиот суд

Додека се чека судска разврска за тоа, кому ќе му припаднат името и партиските печати на Алијанса за Албанците, во тетовскиот суд стигна уште една тужба. Повторно тужат од крилото на Зијадин Села, овојпат за синоќешниот Конгрес, одржан од Арбен Таравари и неговите поддржувачи. Побараа да си формира своја партија, наместо да држи нелегитимни собири.

Во партијата сѐ уште се чека судската одлука за тоа, кој е легитимен претседател на Алијанса за Албанците, откако Апелација го врати предметот на повторно судење во Основниот суд во Тетово.

Во меѓувреме, Таравари синоќа одржа вонреден, петти конгрес под мотото „Промената продолжува“. На конгресот е едногласно избрано и ново Централно собрание на партијата.Беше усвоена и Декларација за политичко дејствување на Алијанса за Албанците која ќе им биде политички патоказ до 2026 година. Претходно беше избран и нов женски форум, а се очекува за две до три недели централното собрание да избере и ново Централно претседателство со што е направена целосна реорганизација на партијата .