ТРИДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ШПАНИЈА: Поплавите во оваа земја едни од НАЈГОЛЕМИТЕ природни катастрофи, се очекува бројот на жртви да расте (ВИДЕО)

Најмалку 95 луѓе загинаа во големите поплави што ја зафатија Шпанија, што ја прави најголемата природна катастрофа што ја погодила земјата во последно време.

Најмалку 95 луѓе загинаа во големите поплави што ја зафатија Шпанија, што ја прави најголемата природна катастрофа што ја погодила земјата во последно време.

Службите за итни случаи во источниот регион на Валенсија ја потврдија смртта на 92 лица. Уште две жртви биле пријавени во соседниот регион Кастиља Ла Манча, додека уште еден смртен случај бил пријавен во Андалузија.

Бројот на загинати најверојатно драматично ќе се зголеми бидејќи другите региони допрва треба да пријават жртви и да продолжат да ги пребаруваат тешко достапните области.

Невремето со дожд кое почна вчера продолжи и денеска, предизвикувајќи поплави низ јужна и источна Шпанија, од Малага до Валенсија. Полицијата и службите за итни случаи користеа хеликоптери за да ги спасат луѓето од нивните домови и гумени чамци за да стигнат до возачите заглавени во автомобили.

Во погодените области распоредени се спасувачки персонал и повеќе од 1.100 војници од единиците за итни случаи на Шпанија. Шпанската влада формираше кризен штаб за да ги координира спасувачките напори.

Шпанската влада од денска прогласи тридневна жалост.

Шпанија доживеа слични есенски бури во последните години, но, ништо не беше ни блиску до пустошот во последните два дена.

Шпанскиот крал Фелипе Шести денеска вети целосна потребна поддршка на роднините на жртвите од поплавите што го опустошија југоисточниот дел на Шпанија.

-Уништени сме од најновите вести за поплавите, напиша шпанскиот кралски двор во објава на социјалната мрежа Х.

-Изразуваме најискрено сочувство до семејствата и роднините на повеќе од 50 загинати. Сила, храброст и сета потребна поддршка за погодените, додаде тој.

Централната влада формираше кризна единица, која за прв пат се состана синоќа и испрати армиска единица специјализирана за спасувачки операции во провинцијата Валенсија.

Кризното одделение треба повторно да заседава денеска напладне под претседателство на премиерот Педро Санчез, кој неодамна се врати од официјална посета на Индија.

-Со загриженост ги следам вестите за исчезнатите луѓе и штетите предизвикани од невремето во последните неколку часа, напиша премиерот во текот на ноќта на „Х“, повикувајќи ги луѓето да ги следат советите на властите. „Бидете многу внимателни и избегнувајте непотребни патувања“, додаде Санчез.