Мицкоски: Нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, а ние имаме цел да ја развиеме
Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам 11 Октомври, Денот на народното востание. Оваа година одбележуваме 83 години од пркоста и желбата за слободна Македонија, се наведува во честитката од премиерот Христијан Мицкоски.
Македонците на тој 11 Октомври 1941 година се впишаа на мапата на слободарските народи, кои заедно со Сојузниците од Втората светска војна го поразија Нацизмот и Фашизмот.
Народниот дух на пркост и непокор кој беше демонстриран на тој 11 Октомври трае и ден денес, тој е движечка сила за промени и подобро утро. Тоа е мислата која не влече напред, дека секогаш може и мора подобро.
Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија.
Почитувани сограѓани, иако се соочуваме со предизвици, ние зачекоривме во ера на економска трансформација и назад од тоа нема. Цврсто се обврзавме пред граѓаните дека посветено, чесно, одговорно ќе работиме за повторно да ја вратиме државата во рацете на граѓаните и работиме на тоа преку конкретни реформи, проекти и промени кои се клучни за рестарт на институциите и на системот.
Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото што само по себе подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, проекти за развој, надеж која носи позитивни промени, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард.
Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од истата извадиме најмногу што можеме, тоа им го должиме на сегашните, но и на идните генерации на кои мораме да им обезбедиме својата иднина да ја градат тука, зошто ни е аманет од тие пред нас.
Само заедно сложни Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци можеме да градиме единство, иднина и просперитет.
Продолжуваме посветено да чекориме по патот на борбата за создавање на држава на среќни и задоволни граѓани.
Нека е честит 11 Октомври – Денот на народното востание.