33 години слободна, суверена и самостојна Македонија – Честит ден на независноста Македонијо!

На 8 септември 1991 година, 95 отсто од граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Меѓу поважните датуми од патот кон независноста кои му претходеа на референдумот се 25 јануари 1991 кога првиот состав на повеќепартиско Собрание усвои Декларација за независност, а два дена подоцна го избра Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

По референдумот, пак, на 17 ноември 1991 беше усвоен Уставот, а следуваше и монетарно осамостојување и воведување на денарот на 26 април 1992.

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, изјави тогаш првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров, соопштувајќи ги резултатите од референдумот.

Во изминатите 33 години самостојно живеење македонската држава помина низ низа тешкотии, се соочи со предизвици, но се славеа и убави денови. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-тите години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза, конфликтот во 2001 година, мигрантската криза од 2016, спорот со Грција и промената на името, условувања од Бугарија, како и борбата со криминалот и корупцијата беа вистински предизвици и закани за младата држава кои го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

Владеењето на правото, судството и правната држава и понатаму се најголемите проблеми, а тоа се основите на една држава. Најголемото разочарување за граѓаните е судството. Специјалното јавно обвинителство, беше формирано да ги решава проблемите со криминалот и корупцијата, а самото тоа стана извор на нови проблеми. Истовремено, куп роднини на политичари станаа судии и обвинители. Дел од актуелните правораздавачи – се актери во корумпираната претстава.

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите сами по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатирала масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле “за” самостојна и суверена Македонија.

Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

На референдумот му претходела Декларација за независност која првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвоил на 25 јануари 1991 година.

33 години. Ни многу ни малку. Македонија ги живее исусовите години како независна држава. Како што се вели во една книга, „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“, овие нешто повеќе од три децении во Македонија беа повеќе од интересни.

Што сѐ не преживеавме и доживеавме, како ниту една држава во регионот и пошироко. Мирен излез од поранешната држава, економска блокада од Грција,промена на знаме, војна на Косово, војна или воен конфликт кај нас, Рамковен договор, Шарена револуција, промена на име и Устав, влез во НАТО, обид за промена на идентитет од страна на Бугарија…

Попустилоста не доведе на ова дереџе, особено последниве шест-седум години. Дерогирана држава, разорени институции, разочаран народ, без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром…

Како што е мотото за прославата оваа година „Заедно се бориме, заедно ќе успееме“, да се обидеме да ја кренеме повторно државата на нозе како што тоа пред многу години го направиле Илинденците и Партизаните.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.