АХВ со вонредни инспекции: УНИШТЕНИ 187 КГ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА
Во вонредни инспекциски надзори во Кичево, Струга и Охрид уништени се 187 килограми небезбедна храна, а изречена е и парична казна од 1.400 евра.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека во Струга е казнет маркет со 1.400 евра поради пласирање на небезбедни производи на пазарот. Уништена е храна во количина од 15 килограми, а казната е изречена за утврдените недоследности (немање декларации, нечитки декларации на производите, несоодветно означување на производите, продажба на храна со поминат рок и слично).
Во Струга казнета е и месарница со 500 евра во денарска противвредност поради пласирање на небезбедни производи на пазарот. Уништени се 50 килограми храна од животинско потекло.
Во Охрид со 500 евра казнета е гостилница каде инспекциските служби на АХВ при спроведен вонреден надзор утврдиле недоследности и уништиле 15 килограми небезбедна храна.
– Кај некои од операторите утврдени се незадоволителни хигиенски услови, вршење на активност која не е одобрена од АХВ, непоседување на санитарни книшки за вработените и друго. Покрај вонредните засилени контроли, постапувањето по поднесени претставки и предлози, инспекциските служби на АХВ ги спроведуваат редовните контроли согласно Годишниот план за вршење на инспекциски контроли, велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека во првите шест месеци од годинава спроведени се 24. 335 инспекциски контроли при што изречени се 2 433 инспекциски мерки. Уништени се 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.