23 години Рамковен договор: Годинава власта и опозицијата со одделни настани

Со одделни настани на власта и на албанската опозиција денеска во Скопје ќе бидат одбележани 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Владата ќе ја одбележи годишнината од Рамковниот договор со свечена седница во 13 часот на која, како што е најавено, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и првиот заменик премиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Настанот ќе се пренесува во живо на фејсбук и на јутуб-каналот на Владата.

Претходно, во 10 часот во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде одржана Панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”, на која покрај вицепремиерот Меџити како паналисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела.

Меџити вечер ќе организира и свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

Одделна прослава, пак, ќе организира Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Тие 23- годишнинита од Охридскиот рамковен договор, ќе ја одбележат со настан насловен „Академија за легитимитет“ што ќе се одржи напладне во хотелот Александар Палас во Скопје.

За нив е навредливо тоа што Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, иако тој самиот ниту го признава ниту го почитува. Реагираат и дека бил намален буџетот за Охридскиот договор.

– Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните, се наведува во реакцијата од ДУИ

Најавената паралелна прослава од ДУИ предизвика реакции кај Вреди, владејачката коалиција од редовите на Албанците. Министерот за здравство Арбен Таравари ваквиот чекор на ДУИ го оцени како „приватна журка и забава“.

Новиот в.д претседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари денеска по Централното собрание на партијата изјави дека е донесена одлука на 17 декември оваа година да се одржи вонреден конгр

-ДУИ некако секогаш има претензии да ги приватизира одредени настани. Се уште не можат да прифатат дека се опозиција, меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа. Ќе прифатат приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан којшто го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат, изјави вчера Таравари.