Фирма од Битола ги држела вработените под клуч како робови, инспекторите морале да викаат полиција да влезат во погоните
Гласен Текстилец на својата Фејсбук страна објави шокантна вест за фирма од Битола, „Стар Фешн ДООЕЛ“ која ги држела вработените под клуч како робови. Од таму додаваат дека откако поднеле претставка компанијата ја посетиле инспектори. Но на нивно изненадување вратите биле заклучени при што морала да биде повикана полиција за да може да се влезе во просториите на фабриката.
„Во ова правно лице, инспекторатот при вршење на инспекцискиот надзор наиде на заклучени врати додека работниците работеле во погоните. По неуспешни обиди за влез на инспекторите истите побарале асистенција од МВР. Пристапот на инспекторите бил овозможен дури после 20 минути чекање пред затворени врати“, се вели во објавата.
Внатре биле затечени 30 работници кои работеле под клуч. Притоа биле констатирани бројни неправилности но и немало евиденција за работното време.
„Исто така работодавачот организира и воведува прекувремена работа и саботи и ангажира и лица без регуларен работен однос. Работодавачот не им исплаќал додаток на плата по основ на минат труд на вработените што исто така е спротивно Законот за работните односи. За констатираните неправилности Државниот трудов инспекторат изрече соодветна инспекциска мерка за правното лице ДПТУ СТАР ФЕЈШН ДООЕЛ Битола“, се додава во соопштението на Гласен Текстилец.