Ристовски во интервју за Курир: Наследивме хаос и безредие, но тоа нема да нè спречи македонскиот спорт да го издигнеме на пиедесталот
Верувале или не начекавме полоша ситуација од тоа што очекував. Инфраструктура како и да не постои и како да ја немаме…
Република Македонија за прв во својата историја од своето постоење како држава со формирање на новата Влада, во својот состав доби Министерство за Спорт, а негов прв министер официјално е некогашниот успешен спортист и ракометен голман Борко Ристовски.
Во својата богата кариера како играч настапуваше за ракометните клубови на Вардар, Металург, Рајн Некар Левен, Барселона и Бенфика.
Репрезентативец на Македонија со 155 настапи во националниот дрес и уште голем број на индивидуални и тимски награди и признанија. Сега во улога на прв човек кој ќе раководи со новиот ресор и пред кого е нов предизвик, но и голема обврска, одговорност и работа во периодот кој следи.
Ристовски во интервју за Курир кажува за развојот и инвестициите во македонскиот спорт, кога ќе добиеме нов Закон за спорт, но кажува во каква состојба е истиот и што наследиле од претходна власт.
За Вас како министер кои ќе бидат примарните цели откако и официјално бевте назначени како прв човек на новото Министерство за Спорт?
Формално за мене оваа е голема обврска, затоа што сакам да му вратам на спортот и на се она што мене спортот ми го даде како професионален играч. Подолго време се подготвував, се посветив по завршување на мојата професионална кариера како играч, затоа што бев извршен директор на РК Вардар и некако двете работи се слични во однос на менаџирањето на работите и обврските. Приоритетите на оваа министерство ќе бидат многу работи кои треба во исто време да се движат во правилна насока како што ја посакуваме и замислуваме. Ние како влада заедно со претседателот на истата господинот Христијан Мицкоски веднаш со самото формирање уште од првиот ден на министерство за спорт ја покажавме нашата сериозност за спортот и младите кои се иднината на оваа држава. Целта е искоренување на корупцијата од спортот, барање на начин на правилно распоредување на финансиската помош од страна на државата кон клубовите и федерациите, градење на нова спортска инфраструктура, будење буквално од “зимски сон” на федерациите, затоа што ако верувате 90 проценти од нив буквално се “заспани”. Имаме отпор на стартот што за мене беше очекувано , но никој нема да не поколеба во нашата намера да работиме како што треба и да го раздвижиме работите во спортот во правец каде ќе имаме резултати и успех со што ќе бидеме пример за сите во едно општество.
Важите како принципелен човек и личност и веднаш по Вашето назначување тргнавте активно на терен да работите за да видите каква е фактичката состојба со инфраструктурните објекти и согледување на реалната слика. Каква е ситуацијата на прв поглед неполни месец дена по Ваше назначување?
Верувале или не начекавме полоша ситуација од тоа што очекував. Инфраструктура како и да не постои и како да ја немаме. На дел од објектите при наша инспекција околу 60 од нив дали се тоа спортски сали или стадиони увидовме во договорите кои што биле направени се давани на закуп од страна на предходната власт е направена штета за државата, спортот и општеството затоа што се давани на закуп и користење, не е шега вистина е на 99 години за смешни суми на пари. Објекти кои биле во државна сопственост биле давани тогаш на пријатели од поранешната влада. Дел од договорите се веќе разгледани каде се евидентирани голем број на неправилности кога се склучени. Поради тоа за овој краток рок раскинавме три договори за закуп кои се навистина штетни за спортот и државата. Тие објекти ќе ги вратиме во државна сопственост, ќе ги реновираме, обновиме и ќе најдеме вистински луѓе кои ќе стопанисуваат со нив. Под вистински луѓе мислам на големи компании кои ќе знаат да го менаџираат и ќе имаат општествена одговорност. Под општествена одговорност значи кога спортскиот објект или комплекс ќе му го дадете на некого да го стопанисува прво треба да знае како да се грижи за него, ќе има строга контрола , ќе треба да вложува во негово реновирање и одржување. Вториот дел е да биде јавно достапен за сите. Неможе да има апсолутно давање на концесија. Првичната идеја која ја дадов како продлок е до 17 часот да биде објектот јавно да биде достапен за училиштата и децата , за најмладите без никаков надомест , а после тој термин тоа да биде дадено на користење на тој кој што ќе го стопанисува објектот и тој да има финасиски бенефит со акцент ставен пред се на општествена одговорност. Неможе да дозволиме децата и училиштата да плаќаат на места кои се изградени од страна на државата.
Ќе има ли санкции за сите правни или физички лица каде ќе најдете нерегуларности во нивната работа и договорите за концесија кои предходо биле направени?
Стојам до себе и до своите кажани ставови. Веќе има една кривична пријава која е подготвена и очекуваме да се повика МВР, но најпрво нашите адвокати уште еднаш треба да ја разгледаат, а потоа да се процесуира. Со ревизија на спортски објекти кои досега биле во делот на изградба таму допрва ќе има материјал за кој ќе се зборува. Почнавме доста амбициозно и работиме на поставување на систем кој ќе биде од голема важност за сите, поставување на стандарди како треба да изгледа една спортска институција, а од друга страна се бориме со ревизија на што предходно лошо е направено. Морам да го пофалам нашиот тим кој неуморно и секојдневно напорно работи на изнаоѓање на решенија за се она што значи подобар спорт и подобра иднина.
Спортскиот ваучер е единствениот финасиски извор за скоро поголемиот дел од клубовите и спортистите кои прв пат откако е воведен овој систем не се доделени на почетокот од годината. Кога можат сите да очекуваат на реализација на ваучерите и потребната финансиска помош?
Не можам а да не кажам колку е голема негрижата за спортот на луѓето од предходната влада со самиот факт што парите за спортистите воопшто не биле предвидени во буџетот. Со ребалансот на буџетот обезбедивме 550 милиони денари или околу девет милиони евра, што е можеби еден милион помалку од предвиденото поради големиот недостаток на средства општо во држатата. Но, тоа не треба да ги загрижува спортистите бидејќи ние ќе сториме се тој дел биде пополнет со дополнителни пари од други извори, кои во следниот период би легнале на нивните сметки. Сега чекаме ребалансот официјално да заврши во август, при што веднаш ќе почнеме со процедурата, која поради итноста верувам дека ќе ја скратиме од 90 дена на најмал можен период во кој ќе може да се завршат сите чекори. Верувам дека веќе крајот на август или првата недела од септември спортистите ќе ги добијат потребните финасии кои им се неопходни за нормално функционирање“.
Дали ќе има некоја измена или модификација на ваучер системот?
Да и затоа ги правиме тие законски измени. Најпрвоќе има и мора да има критериумии за ваучерите кои ги добиваат клубови, федерациите, спортистите кои навистина ги заслужуваат во зависност од постигнатите резултати, а не како во минатото како што работеле. Доволно е да кажам дека двете најголеми спортски институции ни се под обвинение и се ќе ви биде јасно, а тоа е поранешната Агенција за Млади и Спорт и Македонскиот Олимписки Комитет. За следниот ваучер ќе направиме една нова категоризација за добивање на него каде ќе се знае однапред кое место на табелата колку средства ви носи или постигнат резултат. Нема да има место за корупција или манипулирање и самите резултати ќе бидат мерило за добивање на ваучерот каде што нема да може никој или било која институција да влијае за негово добивање. Критериумите ќе бидат објавени шест месеци однапред пред да биде завршена сезоната и со самото тоа нема да има место за корупција, додека екипите ќе бидат помотивирани за што подобар пласман и поголем успех во тековната сезона. Оваа е само еден процент од тоа што го подготвуваме и ќе го реализираме во иднина каде сигурен сум сите во спортот ќе бидат на крајот задоволни.
Ќе добиеме ли конечно конкретен и вистински Закон за Спорт?
За кратко време ќе ја објавиме нашата национална стратегија за спорт каде јасно ќе се знае се. Во стратегијата ќе се знае кои спортови државата највеќе ќе ги финансира, спортови кои највеќе во минатото носеле успех и спортови кои мислиме и ќе процениме дека ќе можат да донесат успех во иднина. Се ќе биде детално прецизирано во самиот закон. На Македонија генерално и фали нов Закон за Спорт и ние како министерство сме во подготовка, но верувајте дека тоа е доста сложена и комплексна работа и материја која бара време да се направи, прецизира и да се имплементира. Правиме споредба со законите од другите земји како на пример законот за спорт во Словенија. Откако првично законот ќе биде направен ќе ги повикаме сите Федерации да го представиме, потоа ќе ги слушнеме нивните предлози и ставови и ќе дебатираме за нашиот предлог. Доколку има конструктивни предлози од нивна страна ќе ги прифатиме и ќе ги вметнеме во самиот закон. Законот ќе го ставиме на јавна дебата на целокупната спортска јавност пред да го представиме, а потоа и имплементираме. Со тоа ќе покажеме што сме направиле, закон кој ќе е од голема важност за спортот и самите спортисти, особено помладите.
Каков е Вашиот план за подобрување на спортската инфраструктура?
Не можеме да бараме резултати од федерациите и спортистите доколку нема соодветна инфраструктура и доколку немаат соодветни услови за работа бидејќи тоа е поврзано едно со друго. Имаме сериозни планови да вложуваме во капитални спортски објекти. Почнавме веќе со реновирање на Спортската Сала „Расадник“. Се планира изградба на спорстки комплекс во Општината Гази Баба со две спортски сали. Едната со капацитет од 4.200 седишта, другата ќе биде помала и ќе биде наменета за сите боречки спортови и сигурен сум дека ќе биде еден од најубавите спортски комплекси не само во Македонија туку и на Балканот. Ваков комплекс планираме да изградиме и во Битола како и атлетска стаза во Гевгелија затоа што сакаме да вложуваме и во овој спорт затоа што атлетиката е кралица на спортовите. Ќе одиме со реновирање на спортските сали во Прилеп и спортскиот комплекс Маркови Кули во овој град. Паралелно со овие работи правиме инспекција на некои објекти и игралишта кои не се добро направени и каде ќе ги викнеме инвеститорите да си ги поправат грешките или пропустите кои се направени при изградбата. На секое слободно државно земјиште секаде каде ќе има простор максимално ќе ја искористиме таа шанса за да изградиме нова спортска сала или спортски објект.
Ќе преземетели нешто со постојаните спортски објекти каде што концесионерите многу малку инвестираат или воопшто не се грижат за нив?
Досега во самата наша инспекција посетивме осум спортски сали и терени кои се под концесија. Три договори официјално ги раскинавме. Се уште ја констатираме фактичката ситуација на терен и секаде каде што ќе најдеме најмало непочитување на договорите за концесија веднаш ќе биде раскнати. Имавме случај каде приватен концесинер зел земјиште од некаде 3000 квадрати на 99 години користење, реши да го врати земјиштето на државата каде и испрати официјален допис дека ја враќа концесијата. Државата мора да се грижи за спортистите без разлика на која возраст и мора да им овозможи најдобри можни услови. Ако увидиме дека тоа не е направено како што треба, наша обврска е да ги вратиме тие спортски објекти во државно владение, со цел правилно и адекватно да бидат користени.
Училишниот и младинскиот спорт како здрав темел на кој ќе се гради спортската иднина на нашата држава. Какви се плановите во оваа област?
Ние имавме веќе два состанока со претседалот на Училишен спорт. Тоа што сакам да го напоменам е дека таа институција добива значителна сума на парични средства од државата и ние за таа сума што ја доделуваме мислиме дека федерацијата не е доволно активна затоа што училишниот спорт според мене е на многу ниско ниво. Активностите мора да се зголемат, а ние како министерство сме подготвени за соработка за уште подобра реализација на зацртаните цели и во оваа област. Во периодот кој следи ќе имаме уште еден состанок со првиот човек на Федерацијата на училишен спорт и ќе направиме промени каде би требало да имаме подобри резултати во иднина. Треба да се направи еден нов концепт каде училишниот спорт ќе биде уште повеќе испромовиран, организиран, медиумски повеќе застапен и добро да биде презентиран во училиштата, затоа што така ќе добиеме уште поголема масовност, а секако од кванитетот секогаш произлегува квалитетот.
За крај, со што би биле задоволни како министер на крајот од мандатот по четири години?
Успех за мене ќе биде најпрво да изградиме една здрава и стабилна институција како што е министерство за спорт кое што ќе се темели на прави спортски вредности, каде корупцијата во спортот нема да постои, да ја искорениме. Да ги завршиме сите капитални инвестиции кои се во нашата програма и кои ги ветивме во овој временски период, да направиме закон за спорт кој ќе биде комплетно имплементиран и да направиме исто така нов начин на финасирање во спортот. За мене и за мојот тим тоа ќе биде голема сатисфакција и верувам дека ќе го завршиме планираното и порано од предвиденото атоа што имаме амбиција и напорно работиме.
Извор: Курир.мк