Од “НЕ Е ТОЧНО ДЕКА СУМ КУПУВАЛА“ до „МОРАВ ДА КУПАМ, МИ ГО ИЗГУБИЈА БАГАЖОТ ВО ЛОНДОН“

Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вели дека морала да набави основни работи за нормално функционирање додека била на службен пат затоа што авио компанијата ѝ го изгубила багажот на летот за Лондон.

– Еве ја вистината: дел од трошоците кои ги презентираа се однесуваат на нужност да обезбедам основни услови за мое нормално функционирање на службено патување после лет на кој авио компанијата ми го изгуби багажот. И да, купив нови куфери од сопствена сметка и основни средства за службеното патување за да можам да патувам и да учествувам на состаноците во момент кога останав без багаж при патувањето во Лондон. Останатиот дел е тешка манипулација и целосна невистина. Ама бидејќи се мајстори за изнесување лаги, го повикувам пратеникот Лефков, нека дојде со копија од мојата службена картица, ќе чешламе трошок по трошок на кој сака медиум. Нека одбере тој време и медиум. Јас стојам на располагање! Ако има криминал во моето работење нека повелат да ми го симнат имунитетот, имаат можност за тоа, и ќе се појавам пред кој сакаат судија! Ако се утврди неправилност, грешката ќе ја признаам и парите веднаш ќе бидат рефундирани. Ако не, ВМРО Фалсификаторска ќе добие тужба и уште еднаш ќе биде потврдена како дезинформатор и манипулатор на македонскиот народ. Јас сум жена, политичар и човек кој мрази лаги – затоа секогаш реагирам веднаш и со вистината. Одвратно е ова што го прават, ама нема да паднам на нивното ниво. Тие нека продолжат со лаги, а јас со вистина – изјави денеска на прес конференција поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Таа вели дека власта не нашла со што да ја оцрни и дека не ѝ се допаднал ревизорскиот извештај за нејзиното работење.

– Не им се допадна што никој не може да го „стигне“ трошењето на Бети, па нејзините две другарки денови поминале на Гугл да наоѓаат места низ светот и да фалсификуваат сметки. Дали ова е страв од тоа што предметот за нивната омилена министерка уште не е затворен, па ги фатило паника кога пред неколку дена добиле барање од ОЈО да ги предадат извештаите од нејзините три службени картички? Дали им е страв дека ќе се види таму вистинскиот шопинг од 30.000 евра во Италија? Да сумирам. Сите трошења за мои лични потреби биле реализирани исклучиво од моја лична приватна сметка. А, сите трошења кои биле нужни за службеното патување, биле реализирани од службена картичка, исклучиво согласно актуелните правилници и норми – уверува поранешната министерка Костадиновска Стојчевска.

Костадиновска – Стојчевска: ВМРО ДПМНЕ се обидува да ме извалка со лаги