На денешен ден на Пирин Планина во 1924-та е убиен Тодор Александров
На 31 август 1924 година кај селото Лопово, на Пирин Планина, е убиен Тодор Александров.
За убиството и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Тој бил македонски политички лидер и еден од водачите на ВМРО. Во 1898 година се приклучил во ТМОРО.
Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев – Кочански, окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ, член на ЦК на ВМОРО, член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.
По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во Пиринскиот дел на Македонија, каде што создал организациона и воена база и оттаму ги обновил оружените четнички акции во Вардарскиот дел на Македонија. Дејствувал против политиката на земјоделската влада на Александар Стамболиски за зближување со Кралството на СХС.